Mинатиот викенд ми дојдоа неколку пријателки на гости и бидејќи немав многу намирници дома, решив да ја направам тортата на баба ми, која таа ја нарекуваше „Магична торта.“ Всушност, ова е плазма торта која се прави многу лесно и едноставно, но она што е предност за тортата е дека се прави со мерки на лажица.




Баба ми постојано го фалеше овој рецепт и на сите им велеше: „Ќе ставиш 6 лажици од ова, па 6 лажици од она и готова е додека трепнеш.“ Сите ѝ се смееја на нејзиното детално образложување, но кога ја пробуваа да ја направат, се уверуваа дека навистина се прави многу брзо и лесно. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БИСКВИТ: 6 јајца, 6 лажици обично брашно, 6 лажици шеќер, 2 лажици какао, 1 кесичка прашок за печиво, 100 мл масло. ЗА КРЕМОТ: 800 г милерам павлака (или обична павлака за матење), 300 г плазма бисквити (или мелени бисквити), 200 г шеќер во прав. Декорацијата останува по желба, јас ставив 250 мл шлаг и наросив плазма. И уште ќе ви биде потребно: 100-150 мл чоколадно млеко.




ПОСТАПКА ЗА БИСКВИТОТ: Јајцата оставете ги да се стоплат на собна температура некое време. Потоа, скршете ги во еден подлабок сад (не мора претходно да ги одвојувате на белки и жолчки) и започнете лесно да ги матите со миксерот. Постепено зголемувајте ја брзината додека матите. Јајцата треба да станат пенливи и малку да побелат.




Додајте 6 лажици шеќер и продолжете со матење додека целосно да се растопи во смесата. Во тенок млаз налевајте го маслото, од страната на садот, а на средина матете со миксерот. Маслото постепено ќе започне да се соединува со останатите состојки. На крајот преостанува да ги додадете сувите состојки.




Прво додајте го брашното, потоа прашокот за печиво и на крајот какаото. Сѐ соединете со најмала брзина на миксерот, додека смесата да стане хомогена и да нема грутчиња од сувите состојки. Се соединува многу брзо и лесно и треба да добие конзистентност како за палачинки (може малку погусто). Излејте ја смесата во калап со флексибилен обрач (пречник 28 см), претходно обложен со хартија за печење.




Израмнете го бисквитот и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени. Печете околу 20-25 минути, а по печењето на средина од бисквитот избоцкајте со чепкалка и проверете дали е испечен. Оставете го бисквитот да се олади во калапот, доволно е да биде млак, а потоа прелијте го со млако чоколадно млеко (1/2 чаша или 1 чаша) за да биде посочен. Оставете млекото да се впие. Во меѓувреме подгответе го кремот.




ЗА КРЕМ: Павлаката и шеќерот во прав изматете ги во цврст крем, а потоа додајте ја плазмата и лесно соединете со шпатула. Цврстиот крем премачкајте го преку млакиот бисквит и рамномерно распоредете го. После филувањето, се покрива со пластична фолија (да не допира до кремот) и се става во фрижидер да се стегне најмалку 3 часа.




По изминатото време, декорирајте ја тортата по ваша желба. Моја препорака е да изматите цврст снег од 250 мл слатка павлака, ставете во кујнски шприц и направете неколку декоративни линии или топчиња. На крајот, наросете со плазма. Деталите погледнете ги ОВДЕ.