Во последно време, сѐ попопуларни стануваат ќофтињата кои не содржат месо и се прават од различни зеленчуци, кашкавал, јајца итн… Овие ќофтиња се многу здрави, не содржат многу калории, па затоа може да ги јадете кога ќе посакате. Јас најчесто ги подготвувам за ручек, многу заситуваат, а како прилог ги послужувам со освежителна салата.

Постојат многу рецепти за безмесни ќофтиња и речиси сите се превкусни. Но, според мене, најдобар е германскиот рецепт. Ќофтињата се прават од неколку состојки, а убавиот вкус се должи на една и едноставна работа, која досега сме ја пропуштале, а може да ја прочитате во продолжение во постапката. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 компири, 1 главица кромид (по можност виолетов/црвен), 1 морков, 5 чешниња лук, 100 г кашкавал, неколку перциња млад кромид, 1 јајце, прстофат сол, 3 лажици брашно и масло (за пржење).

ПОСТАПКА: Добро измијте ги компирите под млаз вода, исушете ги и излупете ги. Ставете да се варат во тенџере со вода и малку сол, додека да омекнат. Потоа, оставете да се оладат малку, па испасирајте ги во пире, без грутчиња.

Кромидот излупете го и исечкјајте го на тенки полупрстени, колку што можете направете ги потенки. Црвениот кромид полесно се двои на прстените, кои се споени во концентрични кругови. Исечканиот кромид ставете го настрана, а потоа излупете го морковот и изрендајте го на многу ситни и долги ленти.

Постојат специјални рендиња (како на пример за чипс од компири) кои можат да ви послужат во овој рецепт за морковите или може да користите алатка за лупење на зеленчук, за да го исечете тенко. Доколку немате такво ренде, користете обично и изрендајте го морковот на него. Чешнињата лук поминете ги преку преса или исечкајте ги многу ситно.

Во едно тавче загрејте малку маслиново и ставете го кромидот да се запржи. Ринглата треба да биде вклучена на ниска температура. Со повремено мешање готвење, додека кромидот да стане крцкав (колку е потенок, толку ќе биде покрцкав и ќе го добиете посакуваниот ефект за највкусни ќофтиња).

Истото важи и за морковот. Кога кромидот ќе почне да се пропржува, додајте го исечканиот морков и гответе на истиот начин, додека да фати убава боичка, со крцкава текстура. Пред крајот, додајте го ситно сечканото лукче и гответе уште сосем малку. Кога лукот ќе ја испушти својата арома, тргнете го тавчето од рингла.

Кашкавалот изрендајте го, а перцињата од млад кромид исечкајте ги на поситни парчиња. Пропржените зеленчуци префрлете ги во подлабок сад со пирето од компир, додајте 1 јајце, ренданиот кашкавал, ситно сечканиот млад кромид, прстофат сол или по вкус и брашното. Со раце измесете ја смесата додека целосно да се соедини, исто како при подготовка на месни ќофтиња.

Смесата треба да биде компактна и лесно да се соединува и да не се распаѓа. Кога ќе ја подготвите смесата, со навлажнети раце обликувајте топчиња-ќофтиња со големина по ваша желба (јас ги сакам поголеми). Пржете ги во загреано масло по неколку минути од двете страни, додека да поруменат. Пржените ќофтиња вадете ги врз хартиена салфетка.

Тајната на овие ќофтиња е тоа што морковот и кромидот се сечкаат многу тенко, така што е полесно да ги испуштат своите превкусни сокови, а притоа стануваат крцкави и поради тоа на ќофтињата им даваат посебен вкус. Деталите погледнете ги ОВДЕ.