Испробајте го рецептот на Том Филос кој е еден меѓу најдобрите. Ќофтињата излегуваат многу сочни и вкусни, за час ги изедовме, па еве ги правам по вторпат, во двојна доза. Постапката е едноставна, а резултатот е врв, нема да се покаете ако ги направите. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г мелено месо, 4 јајца, 50 мл сончогледово масло за готвење, 250 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 50 г лебни трошки (презла), 280 мл вода, мелен црн пипер, сол и сув зеленчуков зачин (вегета) по вкус, масло за пржење




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете го меленото месо и додајте четири јајца. Со рака измесете ја смесата додека јајцата да се впијат во месото. Потоа додајте 50 мл масло и повторно замесете додека тоа целосно да се инкорпорира.




Во посебен сад просејте го брашното и помешајте го со една кесичка прашок за печиво. Започнете постепено да го додавате во месото (на два-три наврати), додека го месите рачно. Треба да се изедначи и да не останат грутчиња.




Потоа додајте ги лебните трошки и повторно замесете за да се распоредат. Во овој момент смесата е доста густа, па започнете постепено да ја додавате водата. За сето време месете со рака. На крај зачинете по вкус и повторно промешајте. Треба да добиете полутечна, густа, хомногена и изедначена смеса.




Покријте го садот со кеса или најдобро со кујнска стреч-проѕирна фолија и оставете ја смесата да отстои неколку часа во фрижидер, а најдобро преку цела ноќ. За тоа време смесата ќе згусне и сите зачини ќе се впијат и искомбинираат.




Во широка тава ставете масло (мин 2 см) да се загрева на умерена температура. Во една мала чаша или шолјичка ставете ладна вода или масло, па пред црпнување од смесата натопувајте го малото лажиче.




Спуштајте мали топчиња во загреаното масло и пржете ги од двете страни додека убаво да заруменат. Вадете ги со решеткава лажица врз чинија обложена со хартиена салфетка, за да се впие вишокот маснотија. Деталите погледнете ги ОВДЕ.