По рецептот на Алекс, подгответе го еден од најубавите десертни ролати со чоколадо и јатки. Вкусот е кремаст и многу сочен, а ролатот се подготвува за помалку од 20-тина минути. После тоа, се става во фрижидер на ладење и се декорира во две бои – со црно и бело чоколадо.

Ролатот изгледа многу украсно и е одличен десерт за да ги послужите гостите. Јас им го направив на домашните пред неколку дена и сите беа воодушевени. Сѐ што треба да направите е да ги прелиете бисквитите со глазура од темно чоколадо и јатки. Бисквитните колачи се едни од највкусните десерти кои се подготвуваат брзо и лесно. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 мл млеко, 120 г шеќер, кора од 1 портокал, 60 г какао, 150 г путер, 400 г бисквити, 100 г ореви, 80 г млечно чоколадо, 25 мл масло, 60 г тостирани кикиритки, 50 г бело чоколадо.

ПОСТАПКА: Во едно поголемо тенџере сипете 400 мл млеко (2 чаши од 200 мл), додајте 120 г шеќер (приближно половина чаша), изрендајте кора од 1 портокал, кој претходно треба да биде истретиран со сода бикарбона и вода. Измешајте ги состојките и ставете го тенџерето на рингла, на средна температура.

Измешајте ги состојките и почекајте шеќерот да се растопи. Додека тенџерето е уште на рингла, просејте го какаото директно во него и со повремено мешање, гответе додека сѐ да се измеша и да не останат грутчиња. Гответе додека млекото да проврие, па потоа тргнете од рингла.

Во преливот додајте 150 г путер, исечкан на коцки и измешајте додека добро да се растопи. Тргнете го преливот настрана за малку да се олади, а во меѓувреме искршете ги бисквитите со рака на средни парчиња, а оревите грубо исечкајте ги. Соединете ги состојките во подлабок сад, па одозгора прелијте со чоколадниот прелив.

Измешајте ја целата смеса добро, додека да стане компактна и целата течност да се апсорбира во бисквитите и оревите. Кога ќе се формира смеса која е слична како тесто (само помека) префрлете ја на рамна површина, врз хартија за печење и обликувајте во подебел ролат.

Ролатот завиткајте го во хартијата за печење и добро затегнете го, па ставете го во фрижидер да се стегне, на 1 час. Во меѓувреме, растопете го темното и белото чоколадо одделно, а во темното додајте го маслото. Сомелете ги тостираните кикирики  во блендер (може да користите и други јатки, по ваш избор), па половина додајте ги во темното, а половина во белото чоколадо.

Кога ролатот ќе се стегне, декорирајте го со ленти од бело, па со ленти од темно чоколадо. Тоа може да го направите со ставање на „заштитни“ ленти од хартија за печење, па околу нив да го премачкате темното чоколадо, а потоа да ги извадите лентите и на нивно место да премачкате со белото чоколадо. Ставете го ролатот во фрижидер да се стегне уште 30-тина минути. Деталите погледнете ги ОВДЕ.