Промените на ноктите и проблемите со габични инфекции се доста честа појава. Габичните инфекции може да се појават од најразлични причини, но најчестата причина е поради предолго носење на исти чевли во текот на денот кога стапалата немаат можност да се излуфтираат.

Половина од промените на ноктите се предизвикани од габични инфекции. Секоја промена во структурата или бојата на плочата на ноктите предупредува дека е потребно што е можно побрзо да се утврди за што станува збор, со цел навремено да се спроведат соодветни третмани. Габичната инфекција на ноктите на нозете е речиси десетпати почеста од инфекцијата на ноктите на рацете.

Габична инфекција на ноктите, професионално наречена онихомикоза, во почетната фаза изгледа како бело или жолто обојување на дел од ноктот. Доколку забележите ваква промена на вашите нокти треба да реагирате навреме.

За жал, повеќето од нас имаат тенденција да ги игнорираат ваквите промени на ноктите, што е многу погрешно. Со текот на времето, како што се шири инфекцијата, ноктите почнуваат да пукаат, да се лупат, да потемнуваат или да се згуснуваат и стануваат претврди.

Структурата и обликот на ноктите се менуваат, а габите можат да предизвикаат дури и одвојување на ноктот од прстот и воспаление на кожата под и околу ноктот, што е особено болно и непријатно искуство.

Повеќето инфекции започнуваат од стапалата, а потоа се шират на ноктите. Нашите нокти, особено ноктите на нозете се најчесто засегнати, бидејќи темната и влажна средина во чевлите е најпогодна за раст и развој на габичките, а ноктите се многу подложни на оваа болест.

Покрај ноктите на нозете, габичните инфекции влијаат и врз ноктите на рацете, а најчесто се пренесува поради гребење на стапалата и ноктите, но и поради честото потење на дланките. Намалениот имунитет и слабата циркулација на нозете, исто така, влијае врз појавата и развојот на оваа болест.

Иако никој не е заштитен од добивање на габична инфекција, статистиката сепак покажува дека мажите се повеќе склони кон оваа болест отколку жените. Исто така, постарите луѓе се поподложни од помладите.

Луѓето кои имаат атлетско стапало, дијабетес, псоријаза, зголемено потење или кои пушат цигари или имаат некој во семејството кој има хронична габична инфекција, имаат поголем ризик да ја добијат оваа болест. Ако поминувате долго време во вода или базен или го удрите и повредите ноктот, ќе бидете посклони на добивање габична инфекција на ноктите заради отворената рана.

Габичните инфекции можат да се заменат со некоја друга состојба, затоа е важно лекарот да утврди за што точно станува збор. Се зема примерок од заболената област и се испраќа во лабораториска анализа и на тој начин се утврдува дали станува збор за габична инфекција. После тоа, се утврдува терапијата и постапката на лекување.

Иако габата на ноктите обично не е болна, сепак, ако не се лекува на време, може да се прошири до тој степен што останува на ноктите со години, па дури и со децении. Понекогаш, во најтешките случаи, треба да се отстрани ноктот хируршки, бидејќи тоа е единствениот начин да се спречи понатамошна инфекција.

Габичната инфекција може, но и не мора да значи, често е придружена со болка, непријатен мирис и чешање на нозете или рацете.

Иако превенцијата и секојдневната грижа за хигиената на стапалата, рацете и ноктите се најдобриот начин да се спречи формирање на габи, важно е да знаете како да ги лекувате доколку веќе се појавиле.

Покрај терапијата пропишана од лекар, постојат и бројни популарни природни лекови и препарати за габична инфекција на ноктите кои се испробани и помагаат во решавање на овој проблем. Овие природни лекови може да ги направите во домашни услови, а постапката е многу едноставна.

Иако за некои од нив никогаш не би помислиле дека можат да ви помогнат, ништо не ве чини да се обидете и можеби ќе имаат изненадувачки добар ефект врз вашите нокти. Ви пренесуваме докажани домашни методи со кои можете да ги лекувате ноктите погодени од габична инфекција.

Сода бикарбона

Сода бикарбоната има многу поволни ефекти врз одржување чистота во домот до лекување на разни болести. Таа се користи како средство за чистење, отстранување на забен камен, па дури и за избелување на забите. Исто така, содата се покажала како одличен сојузник против габичните инфекции на ноктите.

Сода бикарбоната ја апсорбира влагата на нозете, што може да предизвика габа. Интересно е тоа што една студија покажа дека употребата на сода бикарбона спречува понатамошен развој на габи кај дури 79% од испитаниците кои ја користеле. За спречување и лекување на габична инфекција, сода бикарбоната може да ја користите на неколку начини.

Ставете сода бикарбона во чорапите или чевлите, и таа ќе извлекува влага во текот на целиот ден, направете бања со топла вода и сода бикарбона или само потопете ги нозете во леѓен со раствор од сода бикарбона и млака вода. Потопете ги стапалата или рацете најмалку 10 минути пред да ги исплакнете. Важно е да ја повторувате оваа постапка неколку пати на ден. Повеќе за сода бикарбоната може да прочитате ОВДЕ.

Јаболков оцет против габичните инфекции

Јаболковиот оцет сите го имаме во кујната. Иако не постојат клинички докази дека оцетот помага да се елиминира габата, многумина се задоволни од нејзиното дејство да се справи со досадната инфекција.

Можете да го нанесете директно на заразените нокти со употреба на мешавина од топла вода и оцет во сооднос од 2:1 во корист на водата. Важно е да ги натопите нозете во оваа бања двапати на ден. Нивото на pH во оцетот негативно влијае врз габите. Резултатите се видливи од една до две недели.

Оцетот е природен лек кој се користи и во регулирањето на кр-вниот притисок. Јаболковиот оцет може да се нанесува директно на погодените области или да облечете чорапа претходно натопена во јаболков оцет и да оставите да делува околу половина час.

Постапката повторувајте ја двапати на ден. Пред да спроведете било која од наведените природни третмани, треба претходно да ги измиете рацете или нозете со млака вода и сапун, а потоа да ги исушите со памучна крпа.

Маслиновиот лист како природен лек против габичните инфекции

Грип, туберкулоза, менингитис, херпес, се само некои од болестите при третман на кои народната медицина вклучува лисја од маслинки. Истражувањата покажуваат дека екстрактот од маслиновиот лист има подобар ефект врз организмот отколку антибиотиците. Може да нанесете неколку маслинови лисја на заразените нокти и да ги оставите да делуваат околу 30 минути, а потоа само да исплакнете со млака вода.

Може да подготвите и чај од маслинов лист за подобрување на имунитетот. Подготовка: Ставете 2 лажички суви маслинови лисја во 200 мл зовриена вода. Оставете го чајот да отстои 15 минути, а потоа процедете и пијте три чаши во текот на денот.

Кантарион

Кантарионот е високо препознаен и ценет како природен сојузник во борбата против грчевите, бубрежните заболувања, црниот дроб, мочниот меур, а исто така помага во лекување на депресија. Содржи есенцијални масла, танин, витамин Ц, има антибактериско и антифугално дејство. Мевлемот од ова масло со сигурност ги уништува габичните инфекции.

Потребни состојки: 1 лажица масло од кантарион, 1 лажица брашно и 1 лажица шеќер во прав.

Постапка: Добро измешајте ги овие три состојки и нанесете ја смесата на погодениот прст, завиткајте во газа и оставете да делува преку ноќ. Повторете ја оваа постапка три вечери по ред.

Морска вода

Познати се лековитите својства на морската вода, кои имаат антисептичко дејство. Морската вода го активира метаболизмот на клетките, ја затегнува кожата и ги отстрануваат нечистотиите. Преработената морска вода е состојка во многу производи за нега на кожата и третман на дишните патишта.

Ако имате можност често да останете на море, тогаш морската вода ќе ви помогне во лекувањето на габичната инфекција на ноктите. За да подготвите морска вода во домашни услови, треба да истурите една чаша морска сол во еден литар вода. Потопете ги нозете или рацете во оваа бања околу 15 минути и потоа исплакнете ги со обична вода.

Лук

Важно е да се спомне дека лукот е природен антибиотик кој се применува во лекување на многу болести, а исто така помага да се уништат габичните инфекции. Лукот има силно антифугално својсто, затоа обидете се да лекувате габи со него што е можно почесто.

Земете неколку чешниња лук, исечете ги ситно и нанесете ги на заразениот дел и оставете да делуваат 30 минути. Сепак, бидете внимателни, бидејќи свежиот лук понекогаш може да предизвика пецкање и чешање на кожата.

Ѓумбир

Ова растение, исто така, има моќен ефект врз лекувањето габичните инфекции. Може да измешате мала лажичка рендан ѓумбир со ситно сечкан лук со неколку капки масло од кантарион. Измешајте сè добро додека не добиете густа смеса. Нанесете на заболените нокти и покријте ги со газа, а потоа оставете лекот да делува најмалку два часа. Овој лек е уште поефикасен ако го користите во рана фаза на инфекцијата.

Сребрена вода

Сребрената вода се смета за најстар природен антибиотик, се користи превентивно, а делува и против габичните инфекции. Среброто работи така што спречува раст на габи и мувла. Оваа вода е безбедна за пиење, но и да ја нанесувате директно на погодената област, како на рани или изгореници, така и на габичните инфекции на ноктите. Се користи независно од какви било други лекови и не му штети на организмот.

Подготовка: Во шише наполнете обична вода и оставете ја да отстои минимум 8 часа на собна температура. Во првите 3 – 4 часа, испарливите материи ќе излезат од водата, а во текот на следните 2 – 3 часа се таложат метални соли. Во водата ставете сребрена лажица или водата ставете ја во сребрен сад. Среброто е познато по тоа што ја чисти водата од разни микроби.

Куркума

Ова растение содржи куркумин, кој се бори против 23 видови на габи, а докажано е и неговото антисептичко и антифугално дејство. Земете суров корен од куркума, изгмечете го и ставете го сокот што ќе го добиете на заразените нокти. Оставете да отстои 2 часа и исплакнете. Повторете двапати на ден.

Сок од лимон

Лимонската киселина делува како силен антисептик, а исто така има и антифугални својства кои помагаат да се запре ширењето на инфекцијата. Нанесете цеден сок од лимон на заразените нокти неколку пати на ден и оставете го да делува околу 30 минути, а потоа исплакнете.

Можете исто така да измешате сок од лимон со маслиново масло и да ги масирате нозете или рацете. Габична инфекција е можна и на рацете, но не е толку честа како на нозете. Стапалата се подложни на габички токму затоа што постојано носиме чевли. Ретко одиме боси, освен кога е лето или кога сме на плажа.

Хиперманган (калиум перманганат)

Потопете ги стапалата или рацете во раствор на хиперманган, кој ќе го добиете со истурање на неколку зрна во два литра топла вода. Спроведете го третманот трипати неделно, а габите ќе почнат да се одделуваат.

Борна киселина

Борна киселина се користи и во домаќинствата и во лекување на разни болести. Треба да бидете претпазливи кога го користите, бидејќи се користи и како инсектицид, но неговата внимателна употреба со сигурностделува против габата на ноктите и стапалото. Можете да користите 3% раствор од борна киселина и да нанесете на заразената област.

Водород пероксид

Водород пероксид или водород, може да спречи понатамошно ширење на габична инфекција. Тој е многу ефикасен, нетоксичен и истовремено е многу евтин и е верен сојузник во лекувањето на бројни заболувања.

Земете 3% фармацевтски хидроген и додадете го во литар дестилирана вода. Потопете ги нозете во овој раствор околу 20 минути. Повторувајте го третманот секој ден додека да исчезне габичката.

Јод

Терапијата со јод трае 20 дена. Секој ден нанесувајте 2 – 3 капки 5% јод на заразените нокти. Јодот може да го користите и превентивно на ноктите кои не се заразени со габична инфекција. Овој вид на третман се применува двапати неделно.

Прополис

Прополисот се смета за еден од најсилните природни лекови, а најдобро е да се купи вистински прополис од пчелари. Треба да направите 20% раствор на прополис, да го нанесете на памучна волна и да го ставите на погодениот нокт неколку минути. Повторувајте ја оваа постапка секоја вечер до заздравување.

Исто така употребата на растителни масла се покажа како многу ефикасен метод во лекувањето на габите на ноктите.

Масло од чајно дрво

Поради изразените фунгицидни и антисептички својства, маслото од чајно дрво се смета за едно од најефикасните природни лекови против габичната инфекција на ноктите. Познато е дека ова масло се користи во лекување на бројни кожни инфекции, па затоа едно истражување покажува дека ова масло помогнало во лекувањето на атлетските стапала дури 64% од случаите.

Ставете масло од чајно дрво на погодената област и оставете го да делува 10 минути. Потоа со стара четка нежно истријте ги заразените нокти. Можете исто така да го мешате со маслиново масло. Важно е вашите нокти да бидат чисти, па затоа треба да се дезинфицираат со алкохол пред секој третман.

Кокосово масло

Кокосовото масло има моќни антифугални ефекти и многу луѓе го користат против габични инфекции на стапалата, но и на самите нокти. Нанесете мала количина кокосово масло и тријте директно на делот погоден од габата.

Масло од портокал (серум од витамин Ц)

Ова масло можете да го нанесувате секојдневно со тоа што ќе ја триете површината на ноктот и ќе го оставите да делува најмалку еден час. Бидете внимателни, бидејќи ова, како и другите масла од агруми, можат да предизвикаат алергии. Прво тестирајте капка масло на кожата, па доколку нема реакција, можете безбедно да го користите за лекување на габи.

Рицинусово масло

Рицинусовото масло е познат уништувач на габичните инфекции без да предизвика иритација. Рицинусово масло е многу густо, така што можете да го мешате со малку маслиново масло и додадете неколку капки сок од лимон. Нанесете ја оваа мешавина на заразени нокти, а потоа исплакнете по 20 минути.

Масло од диво оригано

Дивото оригано е растение со силни антифугални својства. Измешајте неколку капки масло од оригано со лажичка маслиново масло. Намастете ги заразените нокти и оставете да делува преку ноќ.

Масло од лаванда

Нанесете неколку капки на ноктите, облечете памучни чорапи и оставете го маслото да делува преку ноќ. Антифугалните својства на маслото од лаванда помагаат најмногу во поблаги случаи на габични инфекции на ноктите.

Сите овие природни лекови за габа на ноктите се лесно достапни. Потребно е време и упорност, но резултатите нема да изостанат. Секако, одењето на лекар и консултација со лекарот се неопходни ако ништо од горенаведеното не помогне. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.