Едноставно, брзо и вкусно, најчесто го правам кога ни се јаде нешто благо.

Потребни состојки:

500 г бисквити
2 пудинг од чоколадо + шеќер по вкус
900 мл млеко (800 за пудинг а 100 за бисквитите)
250 г путер или маргарин
2 коцки чоколадо за готвење

Постапка:

Одземете малку млеко од 800 мл и разматете ги пудинзите. Остатокот ставете го на оган да зоврие со неколку лажици шеќер по вкус, па додајте ја смесата и варете го пудингот додека да згусне со постојано мешање.

Кога ќе излади соединете го со пенасто изматен путер.

Во калап редете еден слој бисквити кратко натопени во млеко (или прво наредете ги, па со лажица одозгора ставајте им по малку млеко).

Врз бисквитите намачкајте еден слој од пудингот, па повторно бисквити и сѐ така додека да ви се потрошат состојките.

Последниот слој нека биде крем и декорирајте со малку рендано чоколадо. Оставете го колачот да излади во фрижидер најмалку 2 часа. Наместо путер во кремот можете да додадете изматен шлаг, па кремот станува уште понежен.