Навистина овие колачиња се убави и за секој ден, а бидејќи излегуваат доста може да ги приготвувате и за родендени или слави.

Потребни состојки:  2 јајца, 1 шолја јогурт, 1 шолја масло, 2 шолји гриз, 2 шолји брашно, 20 г прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, 1 лимон – рендана кора и 1 шолја гриз – за валкање

За прелив: 4 шолји шеќер во прав – 500 г, 4 шолји вода, ½ лимон и 1 ванилин шеќер

Постапка: Се мери со шолја од 200 мл. Изматете ги јајцата пенасто, додадете ванилин шеќер и масло, промешајте, а потоа додадете јогурт и мешајте за да се изедначи смесата.

Во друг сад измешајте ги сувите состојки: брашното, гризот и прашокот за печиво, па постепено додадете и изматете во смесата со јајца, убаво да се соедини и изедначи.

Смесата е ретка ама таква треба да биде, бидејќи со стоење гризот ќе набубри и ќе ја впие течноста. Значи, оставете ја смесата околу половина час на страна. И натаму смесата е мека – пенаста, ама фино се обликува и не се лепи за раце.

Од тестото одвојувајте мали парчиња и обликувајте топчиња кои се валкаат во гриз и се ставаат во намастен плех. Оставете ги да одморат уште малку во плехот пред печењето, околу 15-тина минути. Ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 15-20 минути додека малку да заруменат.

За прелив: измешајте го шеќерот во прав со водата и промешајте еден ванилин шеќер. Додадете и тркалца од половина лимоб и мешајте додека убаво шеќерот да се растопи и соедини со водата. Не се вари!

Топлите колачиња прелијте ги со сирупот, а со лажица ставајте по малку врз секое колаче околу 2-3 пати.

Од оваа количина се добиваат околу 70 колачиња.