МЕРАКЛИКА: Гибаница со сирење за 10 минути…одличен рецепт! Кога сакате брз појадок или вечера, а имате готови тенки кори, направете ја оваа гибаница за неколку минути, а потоа испечете ја…

За подготовка ќе потрошите мах 10 минути и за печење 25 минути, па за приближно половина час ќе имате вкусен оброк на маса. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

200 г ситно сирење
3 јајца
100 мл јогурт
100 мл масло
1 рамна лажичка прашок за печиво
1/2 лажичка сол
250 г готови тенки кори

ПОСТАПКА:

Во подлабок сад иситнете го сирењето и помешајте го со јајцата. Додајте јогурт, рамна лажичка прашок за печиво, сол по вкус и потреба (зависи од соленоста на сирењето) и на крај маслото.

Сето добро измешајте го да се изедначи. Земете едно пакување готови кори (од 500 г) и пресечете го на половина. Ако го користите целото пакување, тогаш удвојте ги останатите состојки.

Корите не треба да ги отворате, туку како што се свиткани во ролат исечете ги на тенки ленти со широчина од 1.5-2 см. Раздвојте ги коричките, па растресено ставете ги во смесата од јајца и сирење.

Промешајте за да се натопат рамномерно. Смесата истресете ја во во помал калап за леб или ролат или каков имате. Можете претходно да го обложите со хартија за печење или да го намастите со масло/путер. Распоредете ја смесата рамномерно и израмнете.

Одозгора посипете сусам и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 25 минути. Деталите од презентацијата погледнете ги во видеото ОВДЕ.