Рецепт и видео презентација на Ивана од Шерпица – Колач подобар од торта. Колачот е многу мек, како душа, сунѓерест како пена, а мириса волшебно, преполн со разно овошје и малку ореви ако имате. На овој колач ништо не му недостига. За да го приготвите овошниот колач ќе ви бидат потребни следните состојки:

6 јајца, 200 г шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, 10 лажици млеко, 10 лажици масло, 10 лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 2 полни раце ореви, мелени или сечкани, а може и без ореви, и уште ќе ви биде потребно околу 600 г комбинирано овошје по ваш избор, она кое најмногу го сакате.

Колачот е најубав да се приготви со свежо сечкано овошје, но кога не е сезона, може да употребите и суво овошје претходно отстојано во сок или рум (по желба), а потоа исцедено. На крај уште ќе ви биде потребен шеќер во прав за да го наросите колачот одозгора.

Во суштина ова е еден обичен старински колач, многу познат и често застапен во нашата кујна, но секогаш е добро кога се враќаме на овие едноставни, но превкусни колачи кои на сите им се омилени. Постапка: најпрво пригответе го овошјето: Измијте го добро под млаз ладна вода.

Доколку е прскано, најдобро би било да отстои пловина час во раствор од сода бикарбона. Потоа исечете го на ситни коцкички (јаболка, праски, кајсии, сливи, круши…), а бобинките и поситните плодови како што се вишни, цреши, малини, боровинки, рибизла… само измијте ги процедете ги (и извадете ги семките од вишните и црешните).

“Денес прочитав на интернет, некој имаше објавено дека сите овие семки од кајсии, цреши, вишни, праски, сливи и слично, особено кога правиме слатка, џемови и мармалади, ние најчесто ги фрламе во ѓубре. Меѓутоа, корисно би било семките да ги собериме, да ги исушиме, а потоа кога ќе одиме во прошетка некаде во природа – да ги фрлиме.

На тој начин ќе овозможиме да се родат нови дрвца и ќе помогнеме во подигање на еколошката свест” – вели Ивана во својата презентација. Откако ќе го приготвите овошјето, премачкјате ја тепсијата или плехот со димензии 30х22 см во кој ќе го печете колачот.

Потоа наросете со малку брашно, а вишокот истресете го. Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени пред да започнете со приготвувањето на колачот. Изматете 6 цели јајца додека да побелат и згуснат ( а ако ви е полесно, можете да ги одвоите белките и да изматите цврст снег, а потоа една по една да ги додадете и жолчките).

Додека ги матите јајцата, започнете постепено да додавате 200 г шеќер и 2 кесички ванилин шеќер и матете додека тој да се растопи. Матете додека да стане фино кремозно, мазно и пенасто. Потоа во изматените јајца додадете 10 лажици млеко, 10 лажици масло и внимателно промешајте со лажица или шпатула.

Потоа додадете 10 полни супени лажици брашно. Додека додавате брашно, постепено промешувајте, но внимавајте смесата да остане пенлива. Откако на неколку наврати ќе го додадете брашното и ќе ја изедначите смесата, на крај додадете и една кесичка прашок за печиво (секогаш се додава на крај).

Потоа додадете сечкани или мелени ореви кои не мора да ги ставите, но доколку ги имате, ставете малку зошто многу го подобруваат вкусот на колачот. Промешајте и изедначете. Добиената смеса излејте ја во приготвиот плех и рамномерно распоредете ја.

Одзгора наредете го исечканото разновидно овошје и ставете да се пече во загреана рерна. После 5 минути задолжително намалете ја температурата на 180 степени. Колачот се пече 40 минути, но вие сепак проверете со чепкалка дали колачот е печен (чепкалката треба да е сува).

Печениот колач оставете го да се олади, па дури потоа сечете го и наросете го со шеќер во прав. По желба може да го послужите со шлаг, сладолед или да приготвите и овошен сируп, но сам по себе е многу вкусен и така да се послужи. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.