Кремасто задоволство со кокос и кекси – за 15 минути е готов, а никој не може да му одолее. Колачот се приготвува толку лесно и брзо, што може и дете да го направи. За да го направите потребни се вашите омилени состојки: пудинг од ванила, кекси и кокос! Рецепт и видео презентација на CooKing.

Потребни состојки: 500 мл млеко, 40 г пудинг со вкус на ванила, 10 г ванилин шеќер, 2-4 лажици шеќер или по вкус, 210 г кекси (плазма или по ваш избор) и 3 лажици кокосово брашно. За декорација ќе ви биде потребно: кокосово брашно и некое рендано чоколадо по ваш избор.

Постапка: Во едно тенџере ставете 400 мл млеко и ставете го на рингла да се загрева на умерена температура. Во посебен сад ставете 40 мл прашок за пудинг со вкус на ванила (1 кесичка), 10 г ванилин шеќер (1 кесичка) и 2-4 супени лажици шеќер (шеќерот по ваш вкус додајте го).

Промешајте ги сувите состојки да се изедначат, па додајте 100 мл млеко. Добро измешајте за да нема грутчиња, па добиената смеса додајте ја во тенџерето со зовриеното млеко. Тргнете го малку на страна, намалете ја температурата, па продолжете да го варите.

Мешајте постојано додека пудингот да се свари и згусне (внимавајте да не ви загори). Сварениот пудинг претурете го во посебен сад и оставете го 5 минути да се подизлади, со повремено промешување. Потоа додајте 3 супени лажици кокосово брашно и промешајте.

Кокосот брзо ќе ја впие влажноста од топлиот крем. Веднаш откако ќе ја промешате смесата додајте и 210 г кршени кекси (плазма бисквити или некои по ваш избор). промешајте додека тие рамномерно да се распоредат во смесата.

Земете помал калап, долгнавест, потесен а длабок, за ролати или печење леб, па обложете го со проѕирна фолија. Во него излејте ја целата смеса и убаво распоредете ја подеднакво на сите страни. Добро натапкајте одозгора за да не останат воздушни простори.

Покријте го колачот со фолија и одозгора, па ставете го во фрижидер да се лади за убаво да се стегне, а кексите да омекнат, во времетраење од 3-5 часа. По изминатото време колачот превртете го врз тацна за послужување и отстранете ја фолијата од него.

Одозгора обилно наросете го со кокосово брашно, а потоа и со рендано чоколадо по ваш избор. Вашиот колач е спремен за сечење и послужување. Секој залак од овој вкусен колач – се топи во уста. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.