Доколку сте во потрага по вкусни рецепт за посни колачи, особено оние што се приготвуваат без масло, тогаш сте на вистинското место. Одберете некој од предложените 5 рецепти од нашата архива и одберете го највкусниот, па споделете во коментарите под постот.

Посен чоколаден колач за пост на вода, а вие можете и секој ден да го правите

Добар рецепт за едноставен и брз колач на вода. Може да се прави и секојдневно бидејќи многу е вкусен и сочен, не се забележува дека во него нема масло, млеко и јајца. Cподелете го рецептот со вашите пријатели.

Потребни состојки: 400 мл вода, 250 г брашно, 1 прашок за печиво, 3 полни лажици џем (јас користев од јагода, но може било кој) и 100 г шеќер. За прелив: 2 лажици какао во прав, 50 г шеќер, 100 мл вода и 1 ванилин шеќер

Постапка: вклучете ја рерната на 200 степени. Изматете шеќер, вода, џем. Додајте брашно и прашок за печиво. Не треба да користите миксер. Излејте ја смесата во помала тепсија, распоредете ја и израмнете ја, па ставете да се пече околу 20-30 минути.

Сварете ги сите состојки кои се наведени за прелив и додека е врел, прелијте го преку врелиот колач. Одозгора наросете со кокосово брашно или мелени ореви или нешто по ваша желба. Оставете го колачот целосно да се излади, па сечете го на коцки и послужете.

Евтин а ПРЕУБАВ посен колач, сочен – се топи во уста

Преубав рецепт за многу евтин посен колач кој се прави многу брзо и едноставно. Толку е мек и сочен, се топи во уста. Пробајте, навистина е одличен.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г суво грозје, 12 лажици шеќер, 15 лажици брашно, 5 лажици гриз, 1 цимет, прашок за печиво и ванилин шеќер, 400 мл вода, 1 лажиче сода бикарбона, 8 лажици мелени ореви, 4 лажици џем од сливи. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: џем по избор и мелени и сечкани ореви

Постапка: измешајте ја водата и шеќерот, додајте 5 лажици гриз, 15 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 8 лажици мелени ореви, 1 лажичка сода бикарбона, рендана кора од лимон или портокал, цимет, ванила и 4 полни лажици џем.

Смесата добро измешајте ја да се изедначат состојките. Вака приготвеното тесто за колач кое е со полутечна конзистенција, излејте го во калап 26 см обложен со хартија. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 40 минути. Додека е топол премачкајте го со џем и наросете го со сечкани/мелени ореви.

ПОСЕН КОЛАЧ БЕЗ КАПКА МАСЛО, погоден за пост на вода, сочен, вкусен, мек и миризлив: Колачот иако нема масло, многу е вкусен и сочен, мек и миризлив. Ќе го правите и кога не постите.

Потребни состојки: 3 банани, 2 јаболка, 4-5 лажици суво грозје, 1 портокал, 10 лажици сомелни овесни снегулки, 10 лажици бело брашно, 1 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво, 1 лажичка сода бикарбона, малку цимет, 1 лажичка оцет, 3 лажици какао, 350 мл вода, 5 лажици шеќер, 2-3 лажици гриз и шеќер во прав за наросување:

Постапка: Во подлабок сад ставете 10 лажици мелени овесни снегулки, 10 лажици брашно, 2-3 лажици гриз, малку цимет, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, 1 рамна лажичка сода бикарбона и промешајте. Во сувите состојки по желба може да додадете и неколку лажици мелени ореви.

Во посебен сад испасирајте ги бананите, додајте суво грозје претходно натопено и набубрено во вода, 1 лажичка оцет, рендани јаболка, рендана кора од еден портокал.
Потоа соединете ги сувите и влажните состојки и постепено додавајте вода мешајќи додека да добиете изедначена смеса.

Додајте и 4 лажици шеќер или по вкус, 2 полни лажици какао. Добиената смеса излејте ја во калап или плех со средна величина, обложен со хартија, па ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу половина час. Додека е топол прелијте го со сок од еден портокал, а кога ќе подизлади наросете го со шеќер во прав.

Манастирска пита – посно на вода!

Потребни состојки за тесто: 100 г шеќер, 6 лажици џем од кајсии, 1 шолја сечкани ореви, 1 шолја сечкани урми, 1 шолја сечкано суво грозје (или цело), ½ л млака вода, 1 портокал – сок и рендана кора, 500 г брашно, ½ кесичка прашок за печиво, лимонова кора, 1 лажичка сода бикарбона, ½ лажичка цимет. Потребни состојки за украсување: 3 лажици џем од кајсии, 3 лажици мелени ореви.

ПОСТАПКА: во подлабок сад ставете: брашно, прашок за печиво, шеќер, ореви, урми, суво грозје, рендана кора од лимон и портокал, сода бикарбона, цимет и џем од кајсии кој претходно сте го разредиле со неколку лажици млака вода.

Сето добро промешајте го, додадете сок од портокали и остатокот од вода, па префрлете го тестото во тркалезен калап обложен со хартија, израмнете со лажица и печете во загреана рерна на 180 степени околу 30 минути.

Колачот извадете го од рерна, премачкајте го со џем па печете уште 5-10 минути. Изладениот колач исечете го на парчиња, поросете со мелени ореви и сервирајте со кафе или топло какао.

Овој посен колач со суво овошје е нешто што мора да го пробате, само толку имам да кажам / Фотографија и рецепт на Мари. Е ова е навистина нешто што не смеете да го пропуштите. Многу сум и‘ благодарна на тетка ми за рецептот.

Потребни состојки: 100 г суви сливи, 100 г суви кајсии, 100 г цели ореви, 100 г цели лешници, 1 голема лажица суво грозје натопено во рум, 1 голема лажица какао, 1 мала лажичка цимет, 200 г шеќер, 250 г брашно, 5 големи киселкасти јаболка (не смеат да бидат слатки) и 1 прашок за печиво

Постапка: во еден поголем сад ставете сливи, кајсии, ореви, лешници и суво грозје претходно натопени во рум. Не треба ништо да сечете, ставете ги цели плодовите.
Потоа изрендајте ги јаболката во смесата и повторно добро промешајте. Додајте брашно помешано со прашок за печиво и какао.

Мешајте со лажица или со рака, ако е потребно додајте уште малку брашно. Четириаголен калап за леб ( должина 30 см, ширина 11 см, длабочина околу 8 см) намастете го со маргарин и наросете го со лебни трошки.

Смесата со лажица рамномерно распоредете ја во калапот и израмнете. Ставете да се пече во загреана рерна на 160 степени околу 1,5 час на долната решетка во рерната.
Бев воодушевена од колачот штом го пробав.