Направете си го овој старински рецепт, кој го правеа нашите мајки и баби во минатиот век. Многу едноставно, брзо и здраво. Понекогаш сите имаме навика да си каснеме едно-две парчиња добар леб, особено ако е намачкан со ајвар или се јаде со некоја топла манџа. Највкусно е кога лебот е свежо печен и при секое кршење се чувствува топлината и убавиот мирис.




Овој рецепт поминал низ многу генерации и е најлесниот начин за подготвување. Лебот има облик како купечкиот, малку потсетува и на погача, но е многу мек и лесен како класичниот што го купуваме од продавница.

Рецептот е прилагоден за да може секој ден да го правите, а тоа да не ви одземе многу време, ниту материјал. Од само неколку состојки кои се мерат со чаша, за кратко време на масата ќе имате топло лепче кое веднаш ќе се изеде. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г пченично брашно, 1 шолја од 200 мл пченкарно брашно, 1 шолја од 200 мл ‘ржано брашно, 2 полни лажички сол, 30-40 г квасец, 600-650 мл вода по потреба. ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад, каде што ќе го замесувате лебот ставете половина кг пченично брашно.




Потоа земете една шолја од 200 мл и ставете го пченкарното брашно, па истурете го во садот. На истиот начин додајте го и ‘ржаното брашно. Измешајте ги сите видови брашно, па на средина направете мала вдлабнатина и во неа додајте 2 полни лажици сол, па потоа и 30-40 г свеж квасец. Доколку сакате лебот да го направите со сув квасец, во тој случај, ставете една и пол кесичка сув, квасец или 10-15 грама.




Со најобична топла вода, постепено преливајте го садот, односно во вдлабнатината и со рака издробете го квасецот. Без додавање на шеќер или масло, замесете го тестото само со обична вода. Тестото треба да биде средно меко.  Вода додавајте по потреба, ќе биде биде потребно 600-650 мл.




Секој вид брашно различно впива вода, па затоа е потребно да го додавате постепено, колку што е потребно. Кога ќе го замесите тестото, наросете врз него малку пченкарно брашно, натапкајте и покријте со фолија или памучна крпа. Ставете го садот со тестото да отстои на некое топло место, додека волуменот да се удвои, приближно 1 час.




Кога тестото ќе стаса, подгответе си еден помал сад со ладна вода и со мокри раце превртувајте го тестото, од нанадвор кон навнатре. Повторете ја постапката со едната страна, па потоа превртете го на втората страна, наквасете го со малку вода и оставете го да стасува уште еден час.




По второто стасување, тестото се префрла на набрашнета рамна површина и се развлекува со помош на рацете во облик на квадрат. Одозгора набрашнете го, па започнете да го диплите, така што надворешните страни ќе ги виткате кон средината на тестото. Вака подговеното тесто може веднаш да го ставите во еден сад или подлабоко тенџере или тепсија.




Јас одбрав огноотпорен сад. Важно е садот да го намастите или набрашните или да ставите во него хартија за печење. Префрлете го тестото во садот и наросете го со брашно. Тестото може да го прилагодите според големината на садот во кој ќе го печете. Ставете капак врз тенџерето, а ако го печете во плех, покријте го со крпа и фолија.




Оставете го да стасува уште еднаш, овојпат ќе го зголеми волуменот уште 2/3, а во меѓувреме вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Земете некој остар нож и направете површински резови на лебот, во форма на полукруг. Ставете го тестото да се пече под капак на 200 степени, 15-тина минути, па потоа намалете ја температурата на 180 степени и допечете го уште 30-тина минути.

Пет минути пред печењето, извадете го капакот или фолијата за да фати коричка. Овој леб не може да биде како белиот затоа што во себе има пченкарно и ‘ржано брашно. Но многу е похранлив и позаситен. Оставете го малку да се олади, па послужете го топол. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.