Домашните коцки за пилешка супа се многу здрави и вкусни, не содржат никакви вештачки додатоци, а многу лесно се приготвуваат.

Додека се готват целата кујна ќе ви замириса многу убаво. Излегува голема количина, па коцките можете да си ги чувате во замрзнувач на подолго време.

рецепт 1

Веројатно многумина кога ќе го прочитаат рецептот ќе си помислат: „Најпосле имам алтернатива за оние додатоци во храната кои упорно ги одбегнувам, а ми се неопходни.“

Домашната коцка за супа е одличен рецепт за приготвување на домашен додаток за збогатување на јадењата.

Постапката е лесна и се приготвува со намирници кои ги имаме при рака. Основата на приготвувањето е готвење на сите намирници, а потоа дехидрирање/ладење и мелење на целата смеса.

рецепт 2

Се приготвува за 30-тина минути. Поради солта која во овој случај го има својството на конзеpванс, коцките за супа може долго да стојат во фрижидер. Направете ги и ќе ја препознаете вредноста на домашниот производ, па овој рецепт ќе ви стане еден од омилените.

Внимателно прочитајте го рецептот и погледнете го видеото за начинот на приготвување. Направете домашна коцка за супа и споредете ја со купечката – ќе бидете изненадени!

Првиот рецепт се приготвува со пилешко месо, а вториот со мелено телешко или пилешко. Еве што ви е потребно:

РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 180 г пилешко бело месо, 2 мали главици кромид (180 г), 400 г исчистен морков, 1 корен од магдонос, 1 корен машканат (180 г), 100 г целеров корен, 80 г праз (1/2 страк), 3 чешниња лук, 1 китка свеж магдонос, 80-100 мл вода, 50-80 г сол (може и повеќе), 1/2 лажичка куркума или по желба

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г мелено месо (телешко или пилешко), 300 г мешан зеленчук (целер, морков, праз, лук, кромид), 1 китка ароматични билки (магдонос), 1 мало парче ѓумбир, 150 г крупна сол, 2 ловорови листови, 2 супени лажици вода

ПОСТАПКА за рецепт 1: кромидот ситно исечкајте го и ставете го во тава да се пропржи на малку масло. Додајте го пилешкото исечкано на коцки и динстајте со повремено промешување.

Кога пилешкото ќе се зготви за 3-4 минути, во тавата додајте го сиот зеленчук исечен на крупни парчиња (освен магдоносот).

Промешајте и додајте малку вода (80-100 мл), колку да не се залепи зеленчукот на дното, ставете капак и намалете ја температурата, па динстајте го зеленчукот заедно со месото уште 10-тина минути или додека да омекне.

Потоа исклучете го огнот и оставете да се лади така во тавата за да испари вишокот вода, следните 10-тина минути. Потоа сета содржина префрлете ја блендер и сомелете ја. Посебно сомелете го и свежиот магдонос, па додајте го во мешавината.

Посолете и зачинете со куркума, па дополнително измиксајте со рачен блендер доколку сакате содржината да ви биде уште помазна.

Излејте ја во рамен послужавник обложен со проѕирна-стреч фолија, израмнете и затворете убаво, па оставете во замрзнувач 20-тина минути за да се стегне.

Потоа извадете, сечете на помали или поголеми коцки кои можете да ги чувате во зип кесичка или секоја посебно да ја виткате во алуминиумска фолија или навлажнета и изгужвана хартија за печење (или стреч фолија).

Коцките користете ги во варива и по потреба додајте сол ако не е доволно. Следи постапката за вториот рецепт:

ПОСТАПКА за рецепт 2: Исчистете го зеленчукот и исечкајте го на ситни парчиња. Во поголемо тенџере ставете го исечканиот зеленчук, месото, солта, ловоровите листови и водата.

Промешајте и гответе под капак 15-тина минути со повремено повремено промешување. Тргнете го капакот и со континуирано мешање гответе ја мешавината уште 15-тина минути за испари сета течност.

Температурата треба да ја регулирате за да не ви „потфати“ на дното. Потоа целата содржина сомелете ја во обичен блендер или со помош на рачен блендер.

Мелениот концентрат од месо и зеленчук можете да го обликувате додека е сè уште топол во топчиња и така ги ставате во готвењето, можете да наполните калапи за мраз и да направите коцки или едноставно, смесата да ја изроните со раце и да ја сместите во тегла.

На половина литар вода се користи една полна кафена лажичка од овој концентрат. По желба количината можете да ја прилагодите според своите потреби. Деталите од првиот рецепт погледнете ги ОВДЕ, а деталите од вториот рецепт погледнете ги ОВДЕ.