Рецепт на Бојана од Бокина Кујна. Се прави многу брзо и едноставно што ќе ви стане една од омилените салати. Ќе ја правите постојано за секој повод, но и онака без причина. Толку е вкусна, верувајте нема да згрешите.

Одамна оваа салата стана популарна, а првиот пат пред да ја направам бев малку скептична, не знаев како ќе излезе бидејќи се прави со јогурт. Сепак решив да пробам, и верувајте оттогаш ја правам постојано.

Во моментот кога ја пробав, веднаш ми стана омилена. Толку е сочна со кремаст вкус, така штом започнете да ја јадете, нема да престанете. Одлична е и како самостоен оброк, се прави брзо, а колку повеќе време стои во фрижидер, станува сè повкусна и повкусна.

Потребни состојки: 250 г тестенини, 100 г кашкавал исечкан на коцки, 100 г салама, димен врат или по желба, 1 голем варен морков, 6 помали кисели краставички или 3 големи, 1 чашка кисела павлака, 500 мл јогурт, 100 г мајонез.

Постапка: Јас користев еден поголем морков, но може и два мали. Се сечка ситно и се става во тенџере со вода, околу 10 минути додека да омекне. За тоа време, сварете ги тестенините во солена вода.

Тестенините се готват по упатството на кесичката, не ги преварувајте. Во меѓувреме, исечкајте го кашкавалот на коцки и ставете го во еден поголем сад. Исечкајте ги киселите краставички на ситни коцки. Може да користите и свежа краставица, но салатата е повкусна со кисели краставички.

Пиперките што ги користев се исто така кисели, од туршија извадени. Пиперката исто се сечка на ситно. Саламата или некое друго сувомеснато, се сечка ситно и се додава во садот со зеленчук.

Кога морковот ќе се свари, се процедува од водата и се става под млаз ладна вода да се излади, па се додава во садот со другите состојки. Со тестенините се постапува исто, но нив е потребно да ги оставите најмалку 10 минути да се изладат, по процедување на водата.

Врз тестенините се намастува со неколку капки масло или путер за да не се залепат. Тестенините се соединуваат со другите состојки. Се прелива со 500 мл јогурт и добро се промешува.

Пред самиот крај се додава мајонез и малку кисела павлака, може но и не мора. Добро промешајте и пробајте ја, па зачинете по вкус. Салатата треба да се остави во фрижидер неколку часа.

Што подолго отстои, толку е повкусна и покремаста. Се комбинира со сите јадења, но јас понекогаш ја правам и како самостоен оброк бидејќи многу заситува. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.