Ова е период во годината кога сите кашлаат и киваат, а вирусите мутираат. Наглите промени во температурата, продолженото лето, помалку спиење, неправилна исхрана и контакт со болни лица се главните виновници за вирусите кои започнаа да се шират низ регионот.

Стомачниот вирус проследен со температура е актуелен овие денови, а амбулантите веќе се полни.

Што можеме сами да направиме пред да појдеме на лекар?

-Со првите симптоми можете веднаш да земете две таблети активен јаглен, а после дба часа пробиотик. За да се одбегне дехидратација, како кај возрасни така и кај деца, многу е важно организмот редовно да го хидрирате, особено при повраќање. Исто така, многу е важно и после закрепнувањето да се внимава на исхраната и да се храните диетално.

Потребно е да се консумираат бистри супи кои освен течностите, на организмот ќе му ги надополнат и изгубените електролити. Покрај супи треба често да се пијат топли чаеви.

Како да ја намалиме можноста од зараза?

Стомачните вируси се пренесуваат преку капки во воздухот, преку заразена храна и пијалак, како и преку допир со заразено лице.

Токму затоа, во сезона на стомачни проблеми, миењето раце е најдобрата превентива, особено ако сте биле во контакт со заболени. Исто така, препорака е да го јакнете својот имунитет со исхрана и избор на здрави намирници.

Какви се симптомите?

Симптомите на кои се жалат болните се мачнина, изнемоштеност, малку покачена телесна температура, умор, а кај потешки случаи се јавуваат повраќање, дијареа и грозница.

За жал, не постои лек за овој вид вируси, бидејќи антибиотиците воопшто не помагаат, но лекарите препорачуваат промена на исхраната – препечен леб, многу течности, лесни супи, варено зеленчук и ориз.