Можам да ви потврдам дека ова е еден од најдобрите рецепти за мафини. Постојат многу варијанти за подготовка на мафини, од вегански, до солени и благи. Благите може да ги правите овошни или чоколадни, а понекогаш може да ги комбинирате чоколадните со малини или со некое друго овошје.




Овој рецепт толку многу ме воодушеви и веднаш штом го најдов, си го запишав во моето тефтерче со рецепти. Оттогаш си ги правам редовно, а сите што ги пробале, едноставно ги обожаваат. Потребни ви се само неколку состојки и за помалку од 30 минути ќе бидат готови. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, прстофат сол, 8 г ванилин шеќер (1 кесичка), 150 г шеќер, 80 мл масло, 170 мл млеко, 50 г пченкарен скроб/нишесте, 200 г брашно, 2 супени лажици какао без шеќер, 8 г прашок за печиво (1 кесичка), рендано чоколадо или чоколадни топчиња.




ПОСТАПКА: Јајцата и млекото треба да бидат отстојани на собна температура, пред да се започне со подготовка на мафините, минимум 1 час. Во еден подлабок сад скршете ги двете јајца и малку разматете ги со жица или маталка. Потоа додајте го ванилиниот шеќер и енергично измешајте додека да се соедини со јајцата.




Се додава шеќер и смесата се меша брзо додека тој да се растопи, исто како и ванилиниот. Кога ќе јајцата ќе започнат да запенуваат, додајте го маслото, промешајте, па потоа постепено сипајте го млекото, додека непрекинато ја соединувате смесата.




Додајте го пченкарниот скроб, па повторно измешајте. За смесата да излезе мазна и еднолична, како онаа за подготовка на палачинки, важно е после секое додавање на одредена состојка, добро да ја вмешате во останатите состојки, пред да ја ставите следната.




Во посебен сад измешајте 200 г брашно со прашок за печиво и постепено преку сито додавајте го во течната мешавина. Измешајте ги состојките додека да добиете хомогена смеса.

Во калапите за мафини наредете хартиени калапчиња или ако немате, можете да ги подмачкате вдлабнатините со масло на дното и од страните (и да ги наросите со брашно), а најдобро би било да ги намастите со путер или маргарин. За силиконските калапи не се користи ништо.




Излејте ја смесата која ја подготвивте (околу 2/3 од смесата), додека калапчињата да се наполнат до половина. Потоа во преостанатата третина од смесата додајте го какаото и измешајте до изедначување. Со лажица додавајте по малку одозгора врз секој мафин и со дрвена чепкалка промешајте за да се направат шари. Врз мафините наросете рендано чоколадо или чоколадни капки/трошки.




Мафините печете ги во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 20-тина минути, додека да пораснат и да се испечат и однатре. По печењето, оставете сосем малку да се оладат, па потоа може да ги послужите. Мафините го задржуваат својот свеж вкус и наредниот ден, но претпоставувам дека нема да останат дотогаш. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.