Овој рецепт го имаше баба ми запишано во тетратката која ми ја подари пред неколку години. Претпоставувам дека рецептот го добила од една калуѓерка во селото, па така го запишала. Можам само да кажам дека тортата е одлична, ја подготвувам постојано, за сите пригоди. Направена од она што тогаш го имале жените во куќата, едноставно и релативно брзо.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ) ЗА КОРА: 5 жолчки, 200 г шеќер, 200 г ореви, 5 белки – снег, 4 мали обланди. ЗА КРЕМОТ: 200 г путер, 150 г шеќер во прав, 2 жолчки, 200 мл млеко, 2-3 лажици сварено кафе, 2 лажици брашно, + мелени ореви за наросување на тортата.

ПРВ РЕЦЕПТ




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ – ГАБРИЕЛА КОЛАЧ): 5 белки, 250 г шеќер, 100 г мелени ореви, 1 лажица презла. ЗА КРЕМ: 5 жолчки, 150 г шеќер, 3 лажици брашно, 250 мл млеко, 1 лажичка екстракт од ванила, 250 г путер или маргарин, по желба малку рум.

ВТОР РЕЦЕПТ – ГАБРИЕЛА КОЛАЧ




ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: За да ја подготвите кората, најпрво оставете ги јајцата да отстојат некое време на собна температура. Одвојте ги белките од жолчките, па белките изматете ги во цврст снег, за што ќе биде потребно неколку минути непрекинато матење со миксерот.




Изматете ги жолчките и шеќерот додека да се згуснат (околу 15 минути) и да се формира густа смеса. Сомелете ги оревите во блендер, додека да станат прашести. Наизменично, додека постепено ја матите смесата од жолчки и шеќер, откога ќе згусне, додајте ги оревите и снегот од белките.




Снегот додавајте го на неколку наврати и соединувајте го со најлесна брзина на миксерот или со шпатула од надвор кон навнатре. Намачкајте 4 мали обланди со смесата (имав големи, па намачкав две големи, па ги исеков) и печете кратко во претходно загреана рерна на 150 степени, околу 20 минути, сите обланди посебно.




ЗА ФИЛОТ: Изматете ги омекнатиот путер и шеќерот во прав (баба во тефтерот напишала исклучиво да се користи шеќер во прав) во пенаста смеса и во неа додајте 2 жолчки, па повторно изматете убаво да се соедини сѐ. Од 200 мл млеко се одвојува 50 мл и се меша во брашното (да нема грутчиња) и кафето (веќе сварено, не во прав), а остатокот од млекото се става да зоврие.




Кога ќе зоврие, во млекото додајте брашно како кога правите пудинг. Кога кремот ќе се излади, измешајте го со путер кремот што претходно сте го изматиле. Премачкајте ја секоја обланда (кора), па наросете со мелени ореви, како што ги редите обландите една врз друга.




На последната, четврта обланда премачкајте го филот, па исто наросете со ореви. Изладете ја тортата и оставете го филот да се стегне (на ладно место, го ставив во фрижидер). Коментар на читателка: Прекрасен рецепт.. Само обландата ми е малку жилава, да ја печам подолго? Малку потешко е да се исече.. Направив мала промена бидејќи заборавив да додадам кафе во смесата за пудинг, го додадов во путерот и шеќерот и излезе одлично..




ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Измешајте ги белките додека станат пенести, додајте го шеќерот и на крај оревите и презлата кои нежно ги мешате со лажица.
Во плех за печење од рерна ставете хартија за печење и врз неа премачкајте ја смесата. Се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 40 минути.

ЗА КРЕМОТ: Измешајте ги жолчките со шеќерот додека да станат пенасти, потоа додајте ванила, брашно и млеко и варете додека да се згусне. Во изладениот крем додајте изматен путер. Бисквитната кора пресечете ја на половина. Премачкајте со крем, одозгора ставете втора кора и убаво изладете. / Сoolinarka.сom