За да го приготвите овој колач потребен ви е еден тенок калап кој ќе го обложите со проѕирна фолија, бисквити, пудинг, млеко и шеќер по вкус.

Можете да го направите во секој период од годината и подеднакво сите да уживате во неговиот вкус. Евтин е и неодолив. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки: 500 г турски чоколадни бисквити (или било какви), 2 кесички пудинг од ванила (2х40 г), 2 кесички пудинг од чоколадо (2х40 г), 1 литар млеко, шеќер по вкус или според упатството на кесичките од пудинзите

Постапка:

Еден потесен плех обложете го фолија. Сварете ги пудинзите посебно според упатството (по 2 пудинзи за половина литар млеко).

На секој бисквит мачкајте прво пудинг од ванила, па редете покрај ѕидот на плехот по должина.

Потоа, преку него редете бисквити намачкани со пудинг од чоколадо и сè така по ред додека да се исполни калапот. Можете да ги редите и по сопствен избор и идеја.

Оставете го во фрижидер добро да се озлади и кексите да омекнат, па потоа превртете го на долгнавеста чинија за сервирање. Глазура ставете по желба (може чоколадна или да ставите шлаг). Јас се одлучив за шлаг.

Сечете го колачот добро изладен. Има одличен кремаст, чоколаден вкус. Се сечат убави парчиња, а по потреба соодветно зголемете ги состојките, ако сакате поголема торта.

Напомена: Доколку користите турски бисквити (какао кекси) нема потреба од нивно претходно натопување во течност (чај, млеко) бидејќи овие бисквити се многу меки и веднаш ќе ја впијат влажноста од пудингот.