Рецепт и видео презентација на Ивана од „Шерпица” – Зелка салата со специјален прелив. Пригответе ја оваа „обична” салата на малку поинаков начин и направете ја за гостите да биде специјална.

Ќе ви побараат рецепт, исто како што и јас го побарав од тета Мира.

Потребни состојки: средна главица зелка, полесна од еден килограм, а кога ќе се исчисти има околу 800 г, 3-4 млади кромитчиња или 150 г праз (а може и мешано, уште повкусно), 1 полна лажица рен од тегла или изрендан свеж, 2 лажици мајонез (а може и повеќе), 1 лажичка сол, 2 лажички шеќер, сок од половина лимон или 1 лажичка оцет.

Постапка: оваа салата може да биде и посна доколку користите посен мајонз. Зелката изрендајте ја ситно со ренде или како ви е згодно и посолете ја со една-две лажички сол, па оставете ја малку да отстои за да го ослободи сокот.

Кромитчето исечкајте го на ситни тркалца заедно со зелениот дел. Може да се додаде и малку сечкано лукче и малку сенф за да се збогати вкусот.

Најубаво е сите други состојки да ги измешате заедно во еден поголем сад, па дури потоа смесата да ја додадете во зелката.

Ставете една рамна лажица рен од тегла, две лажици мајонез (подоцна по вкус, може да додадете уште малку), исцедете сок од половина лимон, но потоа додајте уште малку по потреба, потоа додајте две лажички шеќер и уште половина лажичка сол.

Промешајте добро за да се растопат шеќерот и солта. Потоа со раце истискајте ја зелката врз цедалка за да се исцеди вишокот сок. Во исцедената зелка додајте го исечканото кромитче и приготвениот прелив. Додајте малку црн пипер и промешајте.

Ако ја сакате салатата покремаста, додадете уште малку мајонез или кисела павлака по желба. Оваа салата многу добро одговара да се послужи со печено месо.

Вкусете и по потреба додајте уште зачини. Салатата послужете ја во украсна чинија и декорирајте со свеж магдонос. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.