Овој вкусен и здрав колач се приготвува од две главни состојки, а тоа се орашасти плодови и суво овошје. Може да користите било кое суво овошје и јатки по сопствен избор, или пак, комбинација од повеќе различни јатки и овошје. Ние ќе ви го претставиме нашиот избор, а вие одберете дали ви се допаѓа ваков каков што е, или пак, ќе направите некои измени.




Многу се здрави и иако не содржат шеќер, сепак треба да се внимава на количината што ќе ја изедете. За разлика од класичните десерти кои содржат многу шеќер и маснотии, најчесто нездрави, овие колачиња содржат многу диетални влакна и здрави протеини, како и масти кои се одлични за здравјето на организмот.




Секој треба да ги приготвува овие колачиња и да ги јаде секојдневно, секако во умерена количина, затоа што помагаат во одржување на здравјето на коските и забите, мускулите и сврзното ткиво, мозокот, срцето, цревата и целиот дигестивен систем. Освен тоа, од мала количина брзо ќе се заситите, па може да ги користите и доколку сакате да намалите некој килограм.

Во овој рецепт додадовме и малку чоколадо кое е антиоксидант и на колачот му дава пополн вкус, но не е неопходно да се додава. Дополнително употребивме и малку сусам, кој нема само декоративна улога, туку се препорачува за сите кои имаат проблем со локомороторниот систем. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г ореви, 280 г урми, 30 сусам, 90 г бело чоколадо и 15 г темно чоколадо. Оревите имаат мека структура и богати се со специјална форма на витамин Е кој е одличен за мозкот, к рвните садови и кожата. Може да употребите комбинација од други јатки, како лешник, бадем, кикирики и слично. Урмите пак се богати со природни шеќери, антиоксиданти и влакна, но по желба можете да ги замените со некое друго овошје.




ПОСТАПКА: Најпрво сомелете ги оревите и сипете ги во некој подлабок сад во кој лесно ќе можете да ги измешате сите состојки. Потоа сомелете ги урмите (ако имаат семки претходно исчистете ги и извадете им ги семките), дел по дел или во зависност од моќноста на вашиот блендер.




Мелените урми додајте ги мелените ореви и и промешајте. Бидејќи урмите се лепливи, најдобро е овие две состојки да ги соединете со рака и да ги „месите“ додека целосно да се соединат. Треба да добиете компактно „тесто“ кое лесно се обликува со рака.




Ова е главната смеса и од неа можете да правите најразлични колачиња и десерти по ваш избор. Можете да правите топчиња или други облици и да ги валате во кокос, какао во прав, чоколадни трошки или мелени ореви, сечкани кикирики, буквално изборот е неограничен. Еве го нашиот предлог:




Во сува тава сипете 30 г сусам и малку пропржете го со непрекинато мешање додека да позлати и убаво да замириса. Внимавајте да не ви загори, па тргнете го и оставете го да олади. Истостираниот сусам сипете го врз некоја плитка чинија. Од смесата одвојте третина или половина, па обликувајте валјак.




Валајте го валјакот во сусамот додека убаво целиот да се нафати од сите страни. Со дрвено стапче за ражнич направете вдлабнување во средината во секој валјак, па декорирајте со растопено бело и црно чоколадо. Оставете да се стегнат, па сечете ги на парчиња. Деталите погледнете ги ОВДЕ.