Овој колач не само што е многу вкусен, туку е многу здрав. Богат е со калиум и здрави антиоксиданти кои го подобруваат здравјето на срцето, а калциумот и магнезиумот се одлични за одржување на цврстината на коските. Исто така, изобилува и со диетални влакна кои се како мевлем за дебелото црево.

Не содржи глутен, ниту јајца, ниту шеќер. Доколку сакате да се засладите со некој здрав колач, тогаш овој е токму таков. Се приготвува многу лесно, брзо, па речиси за една минута сè е готово. Единствено што треба да почекате е колачот да се олади и стегне. Рецептот ни доаѓа од нашата драга Ана од Германија. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 180 г овесни снегулки (малку истостирани и оставени да се оладат), 2 големи зрели банани (вкупно 490 г, а излупени 300 г) и 200 г темно чоколадо со што повеќе проценти на какао. Препорачливо од 60 % па нагоре.

ПОСТАПКА: Овесните снегулки (одберете крупни и цели) ставете ги во нелеплива сува тава, па истостирајте ги на тивок оган. Мешајте постојано неколку минути додека малку да пожолтат и да замирисаат убаво. Тргнете ги настрана да се подизладат.

Потоа бананите излупете ги (вкупно 300 г само пулпа), искршете ги на омали парчиња и ставете ги во блендер, па измиксајте ги додека да добиете изедначено и мазно пире.

Чоколадото искршете го на коцки и ставете го во еден подлабок сад. потоа растопете го во микробранова печка или на пареа. Не треба да биде премногу врело, само постигнете негово растопување.

Во растопеното чоколадо додајте го пирето од банани и промешајте додека да добиете изедначена нежна смеса како крем. Во оваа смеса додајте ги подизладените овесни снегулки и промешајте.

Мешајте со лажица или шпатула додека сите состојки да се изедначат. Овесните снегулки многу брзо ќе ја впијат сета течност и ќе добиете ровко тесто со конзистенција на влажен песок.

Добиената смеса излејте ја во калап за торти со флексибилен обраш, рамномерно распоредете и израмнете, па колачот ставете го во фрижидер на ладење, најмалку еден час. Потоа можете да го сечете и да го послужите. На здравје сладење. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.