Царска пита со готови кори…Овој рецепт мора да го пробате, совршен е…Може да биде солен ролат, а одлична е и како ладно предјадење

Рецепт и видео презентација на Бојана од Бокина кујна – Царска пита од готови кори. Поздрав драги мои домаќинки и домаќини, денес ќе приготвиме еден навистина фантастичен рецепт, а станува збор за царска пита приготвена од готови кори.

Оваа пита кога еднаш ќе ја направите, ќе стане една од вашите најомилени. Не само што е добра кога се јаде топла, туку е еднакво вкусна и кога се јаде ладна.

Може да се послужи како ладно предјадење, во вид на солен ролат. Па, ајде и денес да бидеме вредни.

Освен готовите кори, ќе ви бидат потребни и следните состојки за фил:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 200 г брашно, 1 прашок за печиво, 250 мл јогурт, 100 мл масло, 150-200 г салама исечкана на коцкички, димена печеница или било што сувомеснато, 200 г тврдо сирење..

И УШТЕ: 4 кисели краставички, поситни корнишони кои е потребно да се исцедат од вишокот телности, 1 зелена или жолта бабура, 1 црвена пиперка и сол се додава по вкус.

Ќе ви бидат потребни и неколку готови кори кои се користат за приготвување на пита или гибаница.

Постапка: Во подлабок сад со електричен миксер изматете четири јајца додека да станат пенасти и да го зголемат волуменот, а потоа додека непрекинато матите додајте 100 мл масло и 250 мл јогурт.

Потоа во смесата додајте 200 г брашно и 1 кесичка прашок за печиво.

Кога смесата ќе стане хомогена и мазна, додајте 200 г тврдо сирење претходно ситно издробено, една зелена бабура исечкана на ситни коцкички, една свежа црвена пиперка, исто така ситно исечкана.

Потоа додајте и 4-5 кисели краставички – корнишони, ситно исечкани и исцедени од вишокот течност и добро промешајте со лажица или шпатула за да можат рамномерно да се распоредат состојките.

Во оваа мешавина додајте и 150 г сувомеснато исечкано на коцкички.

Јас користев пилешка салама во комбинација со суво месо, а вие може да користите нешто по ваша желба.

Добро промешајте додека да се изедначи смесата. На самиот крај посолете со прстофат сол или по вкус. Тепсијата во која ќе печете може да биде тркалезна, долгнавеста или правоаголна..

Ако ја правите питата како мене во огноотпорен долгнавест а длабок сад (за леб или ролати), поставете го врз корите за да можете точно да ја обележите големината, а потоа да ги исечете според мерките.

Јас направив две вакви пити и потрошив 300 г кори.

Вие ако сакате питата можете да ја направите во една поголема тепсија. Колкава е тепсијата/плехот, толкави сечете ги лентите од кори.

Плехот или тепсијата во која ќе се пече питата малку намастете ја, а потоа на дното ставете една кора, па преку кората распоредете малку од филот.

Преку филот ставете нова кора, па и врз неа распоредете фил, па поклопете со нова кора и сѐ така, повторувајте ја постапката додека да ви се потроши материјалот. Завршете со кора врз која не се става фил.

Но, доколку ви останало малку од течноста, без крупни додатоци, со неа можете да ја премачкате питата одозгора.

Кога питата ќе ја завршите со филување, одозгора покријте ја со фолија и заедно со неа ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180-200 степени.

После 35 минути печење, тргнете ја фолијата и вратете ја питата да се потпече уште 10 минути додека убаво да зарумени.

Мора да ја пробате оваа пита, днадвор е крцкава, а одвнатре е толку мека. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.