Кога отидов на гости кај тетка ми од Австрија, додека таа беше на работа јас ги подготвив овие коцки со мак. Ми рече дека поубави немала јадено и беше воодушевена од вкусот.
Многу ја потсетиле на колачите кои ги правела нејзината баба и веднаш ми побара рецепт, па уште повеќе се изненади кога дозна колку брзо се подготвуваат.
Ова е рецепт кој на сите им се допаѓа поради едноставноста. Посните коцки со мак се приготвуваат од неколку состојки, излегуваат сочни и лесни, а аромата ја добиваат од подготовка на макот со чај од камилица.
Откако ќе го пробате, ќе стане еден од омилените на вашата трпеза. Можете да го направите и во форма на ролат (штрудла), ако така ви е полесно. Според мене поубав е во форма на коцки или штангли. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 250 мл млак чај од камилица, 8 г сув или 25 г свеж квасец, прстофат сол, 150 мл масло, 10 г ванилин шеќер, 4 лажици шеќер (1+3), 1 кора од лимон, 500-550 г брашно.
ЗА ФИЛОТ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 300 г мелено семе од афион (мак), 250 мл топол чај од камилица, 4 полни лажици џем од кајсии, 3 лажици шеќер.
ПОСТАПКА: За да го подготвите тестото, сварете на вообичаен начин 1 чаша чај од камилица. Чајот треба да биде топол, но не многу врел. Во еден подлабок сад сипете го чајот и во него додајте 8 г сув или 25 г свеж квасец.
Наместо во млеко или вода, квасецот се раствора во чај од камилица и бисквитниот дел од колачот добива посебен и ароматичен вкус.
Промешајте го квасецот во чајот и додајте 1 лажица шеќер за побрзо да се активира. Оставете ја смесата неколку минути додека да набубри и да се формираат поголеми меури.
После тоа, додајте 150 мл масло, 10 г ванилин шеќер и преостанатите 3 лажици шеќер. Изрендајте малку кора од лимон за колачот да добие арома. Измешајте ги еднолично состојките, па на неколку наврати започнете да го додавате брашното.
Вкупно ќе ви биде потребно од 500 до 550 г брашно, во зависност од конзистентноста. Најпрво мешајте ги состојките со лажица/шпатула, а потоа откога смесата ќе почне да се соединува, започнете да ја месите со рака.
Формирајте мазно, нелепливо тесто со средна цврстина, а на крајот додајте ја и солта и вмешајте ја во тестото. Вака подготвеното тесто ставете го во садот каде што сте го замесиле, покријте го со фолија/крпа и оставете да нарасне и да го удвои волуменот.
За тестото побрзо да нарасне, ставете го на некое топло место, кај мене се удвои за 30 минути.
Вака подготвеното тесто префрлете го на рамна, набрашнета површина и доразмесете го уште малку, формирајте го во подебел валјак и поделете го на три еднакви делови.
Потоа, секој дел обликувајте го во топче. Оставете го секое топче под фолија и во меѓувреме подгответе го филот.
ЗА ФИЛОТ: Измерете 300 г мак, па постепено преливајте го со топол чај од камилица (1 чаша).
Измешајте ги состојките, додека семето од афион да се навлажни, па додајте 4 лажици џем по ваш избор (јас користев од кајсии) и засладете со 3 лажици шеќер или по вкус.
Измешајте ги состојките за филот и поделете го на два еднакви делови, па повторно преминете на тестото и започнете да го развлекувате.
Секое топче од тестото развлечете го одделно со оклагија, со постепено додавање на брашно. Тестото се развлекува во правоаголен облик со големина на плехот во кој ќе го печете, кај мене е 30х20 см.
Плехот обложете го со хартија за печење и малку намастете го, па одозгора ставете ја првата кора од тестото и убаво притиснете ја да се обложи целиот плех. Врз првото тесто нанесете ја првата половина од филот и рамномерно распоредете го.
Врз филот се става второто тесто кое се развлекува на истиот начин, па се нанесува втората половина од филот и на крај се завршува со третото тесто.
Последната кора се премачкува со малку млака вода. Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени, па стевете го колачот да се испече, околу 45 минути.
Потоа извадете го од рерна, оставете малку да се олади, па одозгора премачкајте го со тенок слој џем и наросете со мелени ореви/лешници или мак или глазирајте го со чоколадо.
Исечете го на коцки или правоаголници, пред послужување. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.