Рецепт и видео презентација на Валентина Машковиќ – “Ванила мак коцки” – колач кој ќе ве освои од прва. Поздрав драги пријатели, почитувани домаќини и домаќинки. Ова е рецепт за лесен, кремаст колач. Комбинацијата од мак и ванила е супер, постапката за приготвување е едноставна, па ви препорачувам сите да го испробате.

Потребни состојки: 200 г брашно, 1 прашок за печиво, 150 г мак (афион), 4 јајца, 200 г путер или маргарин, 150 г шеќер, 200 мл јогурт, 1 кеисчка ванилин шеќер.

За крем од ванила: 600 мл млеко, 1 кесичка пудинг со вкус на ванила, 100 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 30-50 г гриз, 150 г путер или маргарин, 2 пакувања пишкоти (бисквити за тирамису), 200 мл сок за натопување на бисквитите и пишкотите и 200 г чоколадо за глазура.

Постапка: Во еден подлабок сад за матење ставете 200 г путер или маргарин кој претходно сте го оставиле на собна температура за да омекне и сте го исекле на помали парчиња. Со виљушка обидете се да го изгмечете путерот колку можете, за повеќе да омекне.

Потоа во путерот додадете 150 г шеќер, па со електричен миксер пенасто изматете додека шеќерот да се растопи а путерот да стане кремаст. Започнете да ги додавате едно по едно јајцата, кои исто така претходно отстојале на собна температура.

Најпрво додадете едно јајце, па убаво изматете со миксерот додека тоа да се инкорпорира во путерот, па дури тогаш додадете го следното јајце. Вака постапете со сите четири јајца. Во вака изматената смеса додадете 200 мл јогурт или кисело млеко.

Додадете и една кесичка ванилин шеќер, па уште малку измиксајте. За кратко тргнете ја смесата на страна. Во 150 г мелено афионово семе (мак) додадете 200 г брашно и една кесичка прашок за печиво. Добро измешајте ги сувите состојки за рамномерно да се изедначат.

Во овој момент веќе можете да ја вклучите рерната да се загрева на 180 степени, а плехот со димензии 25х30 см да го намастите со многу малку масло и да го обложите со хартија за печење. Измешаните суви состојки започнете постепено да ги додавате во смесата со путер и јајца.

Матете со миксерот со најмала брзина додека постепено се соединат состојките и да добиете еднолична хомогена смеса. приготвената смеса рамномерно распоредете ја во приготвениот плех и убаво израмнете ја површината. Ставете да се пече во загреаната рерна на 180 степени.

Кога е печен колачот најдобро ќе проверите со чепкалка (кога ќе го боцнете колачот и ќе ја извадите, а таа е сува, тогаш е печен), некаде после 20-тина минути. Печениот колач превртете го врз некоја тацна за послужување и отстранете ја хартијата додека тој сè уште е топол.

А потоа повторно вратете го во плехот во кој се печеше. Колачот од топлината може да потпукне на неколку места, но тоа не е никаков проблем, бидејќи е мек и сочен, а ќе се покрие дополнително и со ванилин кремот. Избоцкајте на повеќе места со виљушка.

Додека е топол прелијте го со ладен сок од портокал или било каков сок по ваш избор, а доколку сакате можете да го прелиете со млеко или чоколадно млеко. Рамномерно прелијте ја кората со што и да изберете (околу 100-тина мл) колку малку да се натопи за да добие на сочност.

Подготовка на крем од ванила: Во едно тенџере ставете околу 200 мл млеко (одземете од вкусшно 600 мл), додадете 100 г шеќер, една кесичка ванилин шеќер, една кесичка пудинг со вкус на ванила и 150 г путер или маргарин исечкан на помали парчиња.

Вклучете ја ринглата да се загрева на потвок оган и постепено мешајте додека да се растопат шеќерот, путерот и пудингот. Кога состојките ќе се растопат и ќе се разбијат грутчињата, додадете го остатокот од млекото и малку засилете го огнот за да може да зоврие.

Кога ќе започнат да се појавуваат првите меурчиња, во топлиот ванилин крем додадете околу 30 г гриз и постојано мешајте. Намалете ја температурата додека гризот да се свари и смесата да се згусне, како што вообичаено варите пудинг. Внимавајте да не ви загори.

После приближно пет минути гризот ќе биде сварен и веднаш додека е врел, директно од рингла, прелијте го врз печената кора. Врз врелиот фил веднаш започнете со редење на пишкоти или некои бисквити по ваш избор, и малку притиснуваје ги во кремот.

Завршен дел: На тивок оган ставете да се растопи 200 г чоколадо искршено на коцки со 4 лажици масло, а за тоа време преку секоја пишкота наросете уште малку сок или млеко за да се натопат и од горната страна (ако ви е полесно, можете пред редењето секоја пишкота малку да ја натопувате во течноста).

Топлата глазура рамномерно прелијте ја врз пишкотите и израмнете. за декорација можете да користите смрзнати јагоди, малини или нешто по ваш избор. Пред послужување колачот добро изладете го. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.