Рецепт и видео презентација на Том Филос – САХЕР торта. Од еден мој куќен пријател од Австрија, сега пензиониран слаткар кој е трета генерација на нивниот семеен бизнис со слатки, го добив оригиналниот рецепт за правење на познатата торта Сахер.

Ова е оригинален рецепт со точната количина на состојки и начин на подготовка.

Тајната што не се открива е во видот на чоколадото кое се користи, потоа во квалитетот на путерот и џемот.

Секој ресторан или слаткарница си прават свое чоколадо според свој рецепт и секој од нив тврди дека го има најдобриот рецепт што го чува во тајност.

Нормално, високиот квалитет на чоколадото е услов за добивање на лиценца за правење чоколадо.

Значи, ако се обидете да користите што поквалитетно чоколадо, путер и џем, тогаш ќе бидете поблиску до оригиналната торта Сахер.

Понекогаш тортите направени дома се дури и повкусни од оние во рестораните што се продаваат како оригинали.

Љубовта е секогаш една од тајните состојки и тоа може да се забележи на крајниот резултат.

Тортата направена според овој рецепт слободно може да се нарече Сахер торта, за мене – најдобрата чоколадна торта на светот!

Потребни состојки: 8 јајца на собна температура, 240 г шеќер, 220 г брашно, 200 г путер на собна температура, 200 г квалитетно чоколадо, 40 г какао во прав, 8 г прашок за печиво (една кесичка), 1 прстофат сол.

За филот: 100 мл зовриена вода, 200 г шеќер, 200 г квалитетно чоколадо и џем од кајсии (во оригиналот се користи токму џем од кајсии, но ако случајно го немате, тогаш обидете се со некој друг).

Постапка: Најпрво одвојте ги белките од жолчките во посебни садови. Во длабок сад за матење ставете го омекнатиот путер на собна температура и исечкан на помали делови, па заедно со еден дел од шеќерот (половина) пенасто изматете го со помош на електричен миксер.

Во меѓувреме, белките истото така пенасто изматете ги со електричен миксер и додајте прстофат сол. Кога доволно ќе згуснат, започнете постепено да го додавате шеќерот, малку по малку, додека непрекинато матите со миксерот.

На крај треба да добиете густ, цврст и сјаен снег од белки.

Во пенасто изматениот путер кога ќе стане доволно кремаст, започнете да ги додавате жолчките една по една, додека сè уште непрекинато матите со миксерот. Кога ќе се впие и соедини претходната жолчка, тогаш додајте и ја следната во смесата.

Чоколадото искршете го на коцки и растопете го на пареа или во микробранова печка, промешајте го за да се подизлади, па додека сè уште е течно, постепено додајте го во смесата од матен путер и жолчки.

Изматете со миксерот уште неколку минути додека убаво да се изедначи смесата.

Во добиената смеса постепено започнете да го додавате снегот од белки. Мешајте внимателно и полека со лажицата или шпатулата, со превртување од долу кон горе, за да остане смесата пенлива и воздушеста.

Во посебен сад просејте го брашното, какаото и прашокот за печиво.

Постепено додавајте ги сувите состојки во кремот и мешајте полека со шпатулата додека да се изедначат состојките.

Кога смесата ќе стане хомогена, излејте ја во тркалезен калап со обрач, димензија 23 см, претходно обложен со хартија за печење. Протресете го калапот за да излезат евентуалните меурчиња воздух.

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 170 степени околу 60 минути. Печениот колач превртете го на решетка за да се подизлади и отстранете ја хартијата.

Потоа израмнете го колачот со отсекување на врвот. Пресечете ја хоризонтално, така да добиете две рамно тркалезни кори.

Едната кора ставете ја врз решетката (за да може да се прелие со глазурата подоцна), па одозгора премачкајте ја со половина џемот од кајсии, претходно добро промешан и омекнат.

Поклопете ја со втората кора, па и неа одозгора премачкјате ја преку целата површина со преостанатиот цем.

Приготвување на завршиниот дел: Во зовриена вода ставете го чоколадото искршено на коцки, додадете го шеќерот и убаво промешајте додека сите состојки да се растопат и соединат во хомогена смеса.

Со чоколадната глазура прелијте ја целата торта рамномерно. Пред послужување добро изладете ја тортата, најпрво на собна температура, а потоа и во фрижидер.

Сечете ја на парчиња и послужете ја. Уживајте во прекрасниот вкус на сахер тортата. Деталите од целата постапка на приготвување можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.