Овие чоколадни коцки се толку многу вкусни, што нема да ви биде доволно едно парче. Чоколадниот вкус искомбиниран со вишни е толку совршен што покрај овој колач, на ниеден друг нема да помислите. Можете да користите компот од вишни, процеден од сокот или замрзнати вишни. За овој колач ви се потребни неколку евтини состојки, а целата постапка е многу брза и лесна.




Сѐ што треба да направите да ги измешате состојките за колачот, така што нема да валкате многу садови. Потоа, излејте го колачот и ставете го на печење и подгответе ја чоколадната глазура која се прелива врз оладениот колач. Внатрешноста на колачот е мека и сочна, а однадвор се прелива со чоколадна глазура која може да ја збогатите со мелени или ситно сечкани лешници, ореви или некои други јатки. Секако ова е опционално. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 чаши брашно, 2 чаши шеќер, 3 лажици какао, 2 кесички ванилин шеќер, 1/2 чаша масло, 2 чаши јогурт, 1 рамна лажица сода бикарбона, 300-350 г вишни од компот или замрзнувач. ЗА ГЛАЗУРА: 100 мл млеко, 100 г путер, 5 лажици шеќер, 150 г чоколадо. Како мерка користете чаша од 200 мл. Во продолжение можете да ја прочитате постапката:




ПОСТАПКА: Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Земете длабок сад и измерете 1/2 чаша масло, па додајте 2 чаши јогурт. Изматете ги состојките со жица/маталка, па додајте 2 чаши шеќер. Енергично соединете го шеќерот додека да се растопи. Додајте 2 кесички ванилин шеќер, па потоа додајте ги останатите суви состојки. Со истата чаша измерете 2 чаши брашно, па започнете да го додавате постепено, додека мешате со маталката.




Брашното може да се додаде и одеднаш, но во тој случај ќе би биде потешко за мешање и полесно ќе се формираат грутчиња. Откога ќе го соедините брашното додајте 3 лажици какао и 1 рамна лажица сода бикарбона, па сѐ заедно соединете во еднолична смеса. Настрана процедете ги вишните доколку ги вадите од компот, а може да користите и замрзнати.




2/3 од вишните, соединете ги во чоколадната смеса и измешајте ги. Подгответе си еден квадратен плех со димензии 25х25 см и обложете го со хартија за печење. Излејте ја смесата и рамномерно распоредете, израмнете и протресете го плехот пред да го ставите на печење. Одозгора наредете ги преостанатите вишни, најдобро со рака една по една за да останат на површината од смесата.




Вака приготвениот колач ставете го да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени и печете го околу 30-35 минути, во зависност од рерната. Јас го печев точно 30-тина минути. По печењето, колачот се остава малку да се олади, па се вади од плехот сосе хартијата за печење и потоа се враќа во садот, без неа, па се сече на коцки.




Додека колачот се лади можете да ја подготвите чоколадната глазура. На многу тивок оган загрејте млекото со путерот и шеќерот, додека убаво да се растопи, но внимавајте да не ви зоврие. Млекото треба да биде топло. Кога шеќерот и путерот ќе се растопат, додајте го чоколадо скршено на коцки и со лесно мешање соединете додека и чоколадото да се растопи.




Оладениот колач прелијте го со топлиот чоколаден прелив. Оставете да се олади на собна температура, а потоа оставете го во фрижидер да се лади неколку часови или најдобро преку цела ноќ, на собна температура. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.