Баклавата и традиционалната „сува пита“ со ореви се приготвуваат на ист начин, а разликата се состои само во сирупот. Имено, баклавата е натопена во сируп и многу сочна, додека „сувата пита“ исто така се залива со сируп, но потоа се враќа во топлата рерна за да се впие убаво, или пак количината на сирупот е доста помала и не преовладува во колачот.

рецепт 1




Во минатото се подготвувале и двата колачи подеднакво, а денес се чини дека баклавата ја има „потиснато“ „сувата пита“, па вторава е малку подзаборавена. Ретко кој ја има пробано, но оние што го имале задоволството да се засладат со некое парче, знаат колку неодолив вкус има таа. Освен ореви, во сувата пита обично се става и суво грозје. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г кори за баклава, 400 г мелени ореви, 100 г суво грозје, 200 г шеќер, масло по потреба. ЗА СИРУП: 400 г шеќер, 250 мл вода, 2 лимони (или по вкус), 3 кесички ванилин шеќер (30 г)

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г кори за баклава, 400 г (мелени и ситно сечкани) ореви, по желба суво грозје (може и без), 250 г путер или маргарин, 700 г шеќер, 400 мл вода, половина лимон со средна големина.

рецепт 2




ПОСТАПКА за рецепт 1: Најпрво потопете го сувото грозје во топла вода 10-тина минути за да се хидрира и да набубри. Потоа процедете го и истискајте го од вишокот вода. Во подлабок сад помешајте мелени ореви, шеќер, исцеденото суво грозје и малку рендана лимонова кора.




Тепсијата или плехот во кој ќе ја печете питата намастете ја со малку масло, па наредете три кори и секоја по малку намастете ја. Нанесете тенок слој од филот. На ист начин редете ги состојките, а завршете со три кори (не заборавајте секоја кора да ја напрскате со малку масло).




Исечете ја питата и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, приближно половина час (или прилагодете го печењето според вашата рерна). Додека се пече рерната пригответе го сирупот:




Помешајте ги шеќерот, ванилин шеќерот и водата, па ставете на оган да зоврие. Намалете ја температурата и гответе на тивко 20 минути, а пред крајот додајте лимон исечен на тркалца. Готовата пита прелијте ја со сирупот и вратете во врелата (исклучена) рерна, да отстои додека да го впие целиот сируп, 10-тина минути. Еве ја постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Најпрво сварете го сирупот, зашто врелата пита се залива со ладен сируп. Шеќерот прелијте го со вода и додајте половина лимон исечен на тркалца. Гответе на тивок оган додека сирупот на површината да започне да создава меури и добие златна боја.




Сирупот не смее да биде редок, а ниту многу густ, зашто при ладењето дополнително ќе згусне. Додека сирупот се лади, вие пригответе ја питата. Во плехот редете по две кори и секоја втора наросувајте ја со мелени/сечкани ореви.

рецепт 2




Кога ќе ја наредите питата, исечете ја на желени облици (коцки или баклави), потоа целата залијте ја со растопен путер или маргарин. Ставете да се пече на 200 степени 15 минути и уште половина час на 180 степени додека убаво да зарумени.




Кога питата е печена, исклучете ја рерната и оставете ја уште 10-тина минути во рерната со подотворена вратничка, за да биде крцкава. Потоа залијте ја со изладениот сируп (може да биде и млак). Протресете ја тепсијата за да впие рамномерно. Колку подолго стои, толку е поубава. Рецепт на НенаЈесница / Сооlinarika.сom