Солен ролат во кори – ги воодушеви моите гости, а и моите деца

Овој солен ролат во кори ги воодушеви моите гости, а и моите деца. Кога го послужив беше млак и фино се сечеше. Го пробав додека беше врел, тукушто зилазен од рерна, ама тешко одеше зошто беше многу мек.

Кога е врел можете да си го сечете за себе и за своите домашни за вечера, но ако сакате да го принесете на маса како предјадење за гости, тогаш оставете да излади.

Бидејќи корите во овој рецепт се делат на два дела, се добиваат два убави ролати.

Можете мерките да ги преполовите, па едниот ролат да го направите на овој начин, а вториот со ајвар, спанаќ или нешто по ваш вкус, па со тоа да добиете две предјадења.

Потребни состојки:

500 г кори за пита
2 јајца
200 мл јогурт
50 мл млеко
100 мл масло
1 лажичка сол

за фил:

200 г крем сирење
200 г кисела павлака
300 г шунка

Постапка:

Прво одвојте две кори кои ќе бидат потребни на крајот. Потоа остатокот поделете на две купчиња. Изматете ги јајцата со јогурт, млеко, масло и сол.

Од првиот куп редете кора врз кора и секоја премачкувајте ја со оваа смеса. Слободно мачкајте ги корите со смесата од јогурт и јајца, ќе имате доволно и за двата ролати, а и после за премачкување.

Последната кора не се мачка туку се матат крем сирењето со павлаката и се премачкува со половина од смесата (половина се остава за другиот ролат). Врз павлаката се реди половина од шунката и се витка како ролат, но од потесната страна за да биде ролатот подебел и да има повеќе слоеви.

Постапката се повторува уште еднаш со остатокот од корите. Секој ролат се витка во по една кора (кои ги оставивте на почетокот) и добро се стиснува со рацете додека се витка за да биде цврст ролатот.

Намстете го плехот со масло, па наредете ги двата ролата. Премачкајте ги со преостанатата смеса а одозгора може да наросите семки, сусам или што сакате.

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20-30 минути, во зависност од рерната и дали сакате да биде повеќе или помалку печено.

Loading...