„Дали сте и вие за една порција вкусен домашен сладолед?“, прашува Бојана која го презентираше овој воодушевувачки добар рецепт на кој му нема мана. Едноставен е, вкусен, лесно се приготвува, па колку често и да го приготвувате, никогаш нема да ви здосади.

Класичните рецепти обично се приготвуваат со кондензирано млеко кое ретко се наоѓа во продавниците, а за да го приготвите потребно е да издвоите дополнително време. Втора најчеста варијанта е онаа со слатка павлака која со што и да се искомбинира, на крај сепак, преовладува со вкусот.

Третата најчеста варијанта за домашен сладолед е рецептот чија основа се јајцата, но и тука, како и во претходниот случај преовладува вкусот на јајцата и малку потешко се постигнува кремаста конзистенција. Во рецептот на Бојана главната состојка се млекото и шлагот кој можете да гупите на мерење (рефус). Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г шлаг во прав, приближно 500 мл млеко во зависност од тоа каков шлаг ќе користите, па млекото додајте го според упатството на кесичката, 300 мл јогурт, 2 супени лажици шеќер во прав (ако шлагот не содржи шеќер, или додајте по вкус). И УШТЕ: 200 г јагоди, 2 супени лажици какао (или 200 г мелени бисквити и 200 г овошје по ваш вкус)

ПОСТАПКА: Најпрво подгответе го овошјето што ќе го користите. Може да користите најразлично овошје по ваш вкус, па дури и смрзнато. Во овој рецепт јас користев јагоди: измијте ги, исчистете ги од ливчињата, па исечкјате ги и изблендирајте ги. Добиената смеса мора да биде ретка.

Во подлабок сад сипете го шлагот во прав и додајте го ладното млеко (шлагот секогаш правете го според упатството на кесичката). Изматете го шлагот со помош на миксер додека да добиете фина, цврста и кремаста смеса.

Во изматениот шлаг започнете постепено да додавате 300 мл ладен, течен јогурт, додека непрекинато матите со миксерот. Ова е основната смеса. Поделете ја на два, три или четири дела, во зависност од тоа колку вкусови сакате да добиете.

Приближно, на една четвртина од смесата додајте 100 г од намирницата со која сакате да ја направите комбинацијата. Јас ја поделив на два дела за да добијам еден чоколаден и еден овошен дел (вкус на јагоди).

Во првиот дел ги додадов јагодите, а вие додајте го овошјето по ваш избор. Со миксер кратко изматете за да се изедначи смесата. Во зависност од тоа дали шлагот е сладок, но и од слаткоста на овошјето, додајте две супени лажици шеќер во прав или по вкус. Имајте во предвид дека на киселкастите овошја треба да им се додаде повеќе шеќер.

Во вториот дел додајте две супени лажици засладено какао во прав или чоколадо во прав. Изматете кратко со миксерот додека смесата да се изедначи. По желба можете да додадете чоколадни струготини, трошки или капки.

Добиените смеси складирајте ги во помали кутии со соодветен капак, или во еден поголем сад. Декорирајте по желба со сечкано овошје и парчиња чоколадо, но не морате. Покријте со проѕирна фолија за да не фаќа кристалчиња и оставете го во замрзнувач најмалку 4 часа. Видеопрезентацијата на Бојана погледнете ја ОВДЕ.