Во летните горештини, на телото не му е потребно многу храна, како во зимата. Во овој период треба да се јаде полесна, но нутритивна храна која подолго време ќе одржува ситост. Многумина сигурно искусиле намален апетит некаде на почетокот на летото, за разлика од претходните, поладни месеци.

Пробајте го рецептот на Валентина Машковиќ за оброк салата која ќе ве држи сити. Оваа салата може да ја јадете и додека сте на диета или на некој друг режим на исхрана за слабеење. Избалансирана е, па освен зеленчук, содржи протеини и малку, но доволно масти.

Салатата содржи многу витамини и растителни влакна со кои нема да бидете гладни. Зеленчукот и овошјето треба почесто да се наоѓаат на вашата чинија во летниот период.

Салатата може да се послужи и како прилог на ручекот со месо, а доколку сте често гладни навечер, ова е одличен оброк и лесна вечера. Оваа салата покрај тоа што е здрава, исто така, е и многу вкусна, многу гости ја обожаваат. Еве што ви е потребно за да ја подготвите:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2-3 конзерви црвен грав, 250 г фета сирење, 2 домати, 2 главици кромид, 50 г магдонос, 2 пиперки, 150 г чадена сланина, маслиново масло, сол, црн пипер. Како што пренесува Валентина, овој оброк е наменет за 4 лица, но доколку ви остане може да ја сочувате во фрижидер или едноставно да направите помалку.

ПОСТАПКА: Конзервираниот грав процедете го од течноста во која плива, не треба да остане вода за салатата да не биде кашеста. Додека гравот се цеди, во меѓувреме исечкајте ги главиците кромид. Кромидот не треба да биде ситно исечкан, доволно е само на тенки полупрстени, кои дополнително треба да ги раздвоите со прстите и малку да посолите.

Кога гравот ќе се исцеди распоредете го во поголем плех или огноотпорен сад за печење на дното, како основа. Одозгора наредете го сечканиот кромид. Доматите исчистете ги од петелката, па исечете ги на крупни коцки. Веднаш наредете ги врз кромидот.

Пиперките може да бидат лути или благи, како преферирате. Исчистете ги од семките и жилите, па исечете ги на ситни коцки и наредете ги врз доматите. Додајте и ситно сечкан магдонос. Фета сирењето исечете го на крупни коцки, лесно се сече, па додајте го во садот со останатите состојки.

Зачинете по вкус со сол, црн пипер и останати зачини и не заборавајте го маслото. Вака подготвената салата промешајте ја, па на крајот додајте ја сланината, која треба да ја подготвите на следниов начин: купете тенко сечкана сланина или исечкајте ја дома.

Наредете го секое парче на плех со хартија за печење и печете во загреана рерна на 200 степени, 15-20 минути, додека сланината да стане крцкава. По печењето, пренесете ги парчињата на чинија со хартија за малку да се исцедат, па кога ќе ја измешате салатата, ставете ги одозгора. Деталите погледнете ги ОВДЕ.