Овој рецепт за лепињи го пренесувам од мојот дедо. Тој ги подготвуваше уште кога бев дете, а сега и моите дечиња имаат чест да ги пробаат овие лепињи од негови раце. И баба ми кога беше жива ги подготвуваше лепињите според неговиот рецепт, но ниедни не се споредуваат како од неговите раце.

Еднаш го прашав од каде му е рецептот, а тој само ми одговори: „Одамна го имам ќерко.“ Неодамна детално ми објасни како ги подготвува лепињите, а јас сѐ убаво запишав и запамтив до најситен детаљ. Тој ги послужуваше како појадок со шолја јогурт, но одлични се и за ручек или вечера. Тестото е многу меко, како памук и не се меси многу долго. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 чаши топла вода (600 мл), 1 лажица сув квасец (10 г), 1 лажица шеќер (10 г), 1 лажичка сол (8 г), 6,5 чаши брашно (780 г), 1 лажица масло (10 мл). За пржење: масло кое достигнува висока температура.

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад сипете 3 чаши топла вода. Водата не треба да биде зовриена, доволно е да биде замлачена. Чашата се користи од 200 мл. Потоа, додајте 1 лажица сув квасец, 1 лажица шеќер и 1 лажичка сол. Промешајте ги состојките со кујнска дрвена лажица додека да се соединат.

После 1-2 минути кога квасецот ќе се активира, се започнува со постепено додавање на брашното. Дедо ми ми рече брашното да се додава по 1-2 чаши, додека да се инкорпорира во течноста, па потоа да се додаде уште додека целосно да се потроши количината која сте ја измериле.

Мешајте со кујнската дрвена лажица додека можете, а потоа кога тестото ќе се згусне и ќе почне да се лепи на лажицата, преминете на месење со рака. Замесете го тестото со лесно притискање, доволно е да го месите од 3-4 минути, така вели дедо ми.

„Можеби ќе ти изгледа како тестото да е неправилно замесено од што толку ќе се лепи и ќе биде меко, речиси провидно, но такво треба да биде за лепињите да излезат меки.“ Додајте 1 лажица масло и уште малку замесете го додека да го впие целосно. Кога добро ќе се соедини, покријте го садот со проѕирна фолија и оставете го тестото да нараснува приближно 45 минути.

Кога ќе ја удвои својата големина, може да го пренесете на рамна набрашнета површина и да го домесите уште малку. При овој процес, важно е да излезе насобраниот воздух од тестото. Не заборавајте да додавате брашно за тестото да не е лепливо.

Поделете го на 8 еднакви делови и секој дел обликувајте го во топче. Започнете веднаш со развлекување, но не ви е потребна оклагија, тестото е толку лесно за работа што самото се шири. Секое топче развлечете го со прстите така што ќе го притискате, како да подготвувате фокача леб.

Секое тесто треба да биде со дијаметар од 25 см. Вака подготвените лепињи веднаш пржете ги во подлабоко масло од двете страни додека да заруменат. Послужете ги топли. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.