Ако сакате освежителен десерт, а да не поминете долго време во кујната, тогаш ова е совршен избор за вас.

Потребни состојки:

1 пудинг од чоколадо
1 литар млеко
1 компот од вишни (500 мл)
2 кесички прелив за торта (д-р Еткер или некој друг)
2 кесички шлаг
6 лажици шеќер
чоколадни трошки

Постапка:

Пудингот сварете го според упатството. За оние што не знаат: одвојте малку млеко, па во него истурете го прашокот за пудинг и промешајте добро за да нема грутчиња. Остатокот од млекото заедно со шеќерот ставете го на оган да зоврие.

Штом проврие млекото, потргнете го на страна или намалете го огнот, па постепено, во тенок млаз додавајте го разматениот пудинг. Вратете на тивок оган и постојано мешајте додека да се згусне. Тргнете на страна, садот покријте го со проѕирна фолија и оставете малку да се олади.

Во меѓувреме исцедете ги вишните. Потоа преливот за торти сварете го со сокот од вишни, а потоа додадете ги и вишните во тој прелив.

*Ако користите прелив од д-р Еткер: Содржината на 2 кесички помешајте ја со  шеќер по вкус во подлабок сад и постепено додавајте 500-600 мл сок со непрестајно мешање. Смесата ставете ја на оган и загревајте со мешање додека да зоврие и да се згусне.

Шлагот густо изматете го.

Во чашите прво ставате пудинг, па потоа преливот со вишни, па повторно шлаг.

Одозгора се наросуваат чоколадни трошки. Добро разладете пред послужување.