„Ова е многу стар рецепт, мајка ми често го приготвуваше колачот од само 4 состојки, без брашно и миксер, а многу, многу вкусен.

Рецептот можете да го најдете во стариот и голем Народен готвач од 1956 година“, вели Гага-херц која колачот го прелива со две различни глазури и на тој начин добива два, навидум различни колачи.

„Во рецептот за овој колач печеното тесто се прелива со глазура која се добива од 12 коцки шеќер растопени во 3 супени лажици вода и во која се додава ванила за мирис (една коцка шеќер е 5 грама).

Мојата мајка одозгора ставаше чоколадна глазура, бидејќи ние како деца така најмногу го сакавме овој колач.

Глазурата од чоколадо пригответе ја како вие најмногу ја сакате, а за мене е најдобра онаа од 100 г растопено чоколадо со 3 супени лажици масло.

На насловната фотографија половина од штангличките се прелиени со чоколадна, а половина со глазура од шеќер (која всушност е густ сируп) и поради која штанглите добиваат многу убав сјај.

И, да, не очекувајте којзнае каков перфектен пресек поради сувото грозје, но затоа вкусот е божествен!“, објасни Гага. Еве што ви е потребно (рецепт на гагахерц):

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г мелени ореви, 250 г суво грозје, 200 г шеќер, 4 јајца.

ЗА ГЛАЗУРА ОД ШЕЌЕР: 60 г шеќер, 3 супени лажици вода, 1 стапче ванила или 1 кесичка ванилин шеќер (10 г).

ЗА ГЛАЗУРА ОД ЧОКОЛАДО: 100 г чоколадо и 3 супени лажици масло за готвење

ПОСТАПКА: Сувото грозје претходно можете да го натопите во вода, сок или рум, па откако ќе набабри да го процедите. Во оригиналниот рецепт не е назначено, па и не мора да го киснете.

Освен тоа, наместо суво грозје може да користите сува брусница или ситно сечкано суво овошје по ваш избор.

Во еден подлабок сад измешајте ги мелените ореви, шеќерот, сувото грозје (или сувото овошје по ваш избор) и целите јајца (без претходно да ги матите со миксер). Убаво измешајте додека целата смеса да се соедини и изедначи.

Плехот (28х20 см) намастете го и наросете го со брашно (вишокот истресете го) или едноставно само обложете го со хартија за печење. Излејте ја внатре смесата, распоредете рамномерно да се добие дебелина од приближно 2 см.

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на умерена температура (190 степени) околу половина час. Печениот колач додека е топол прелијте го со глазура, оставете да се олади целосно, па сечете го на штангли или коцки и послужете се.