Патлиџан салатата е една исклучително гурманска закуска за сите љубители на неведените состојки од комбинацијата. Салатата исто така, многу е здрава, има одличен вкус и многу привлечен мирис.

Во стаклен сад може да се чува во фрижидер до три дена, ако издржи толку. Се послужува со печено месо, а за сите оние кои се на лесна исхрана, може да послужи и како оброк.

Потребни состојки:

2 модри патлиџани
3 чешниња лук
1 рака свеж магдонос, сечкан
4 лажици маслиново или друго масло (од тиква, ленено…)
3 лажици оцет
сол по вкус
малку масло

Постапка:

Модриот патлиџан измијте го, излупете го и исечете го на тркалца со дебелина приближно еден прст. Посолете ги одозгора и сосем малку намастете ги од двете страни.

Редете ги во плех облоен со хартија и печете ги во добро загреана рерна на 220 степени околу 20 минути.

Доколку сакате можете и да ги пржите во масло, но ова е многу поздрава варијанта, бидејќи модриот патлиџан впива доста масло при пржењето.

Додека се пече патлиџанот, пригответе го сафтот: Ситно исечкајте го магдоносот, а лукот исчистете го и колку можете поситно исечкајте го. Посолете, додадете масло и оцет. Убаво промешајте и оставете да отстои за да се соединат вкусовите.

Печениот модар патлиџан додека е врел редете го во сад и наизменично полевајте го со сафтот (ред сафт, ред патлиџани) додека да ги потрошите состојките. Салатата покријте ја со проѕирна фолија и оставете ја во фрижидер добро да излади. Деталите можете да ги погледнете во видеото: