Во продолжение можете да прочитате 4 рецепти, од 4 домаќинки и иако навидум постапката е слична, сепак имаат некои различности. На пример, некои џимиринките ги солат веднаш додека се топли, а некои отпосле, кога ќе изладат. Некој става млеко во пржењето, некој не.

Ако имате свој начин на приготвување џимиринки, споделете го рецептот во коментари. РЕЦЕПТ 1: Фото и рецепт: Лилјана Илиева – Набавете прво сланина и исечете ја на не многу големи парчиња, приближно 3 см дебели и 8-10 см долги.

Вака исечени ставете ги во голем сад (кофа, вангла, лонец или слично) и прелијте ги со ладна вода. Ова се прави за да искисне добро и да се испере од нив кр-вта која останала. Јас ова го правам одвечер, ја накиснувам и променувам неколку води (ладни).

Повторно налевам вода и ја оставам сланината цела ноќ да кисне, па следниот ден уште 2-3 пати ја менувам водата, па кога ќе видам дека е исчистена, тогаш е спремна за пржење. Ова измивање на кр-вта е неопходно, затоа што од неа лесно се расипува и потоа маста добива многу лош мирис.

ОДБИРАЊЕ – Јас користам само надворешна сланина, која се наоѓа под кожата, бидејќи е најчиста и нема лош мирис. Внатрешната маст се топи посебно од сланината затоа што таа има пониска точка на топење, брзо се растопува, а остатоците од оваа маст се залепуваат на самото дно од тенџерето.

Има голема опасност да загори и ваквата маст добива лош мирис и лоша боја. Маста околу цревата исто така, воопшто не ги топам, тоа го фрлам зошто навистина има многу лош мирис. Ако некој ја топи оваа маст, нека ја топи посебно од сланината, во различни садови.

ПРВА ПОСТАПКА-ТОПЕЊЕ НА МАСТ И ОДВОЈУВАЊЕ НА ЏИМИРИНКИ/ЧВАРКИ – Добро измиената сланина ставете ја во големо тенџере. Налејте вода колку да се покрие дното. Потоа се загрева на умерен оган се додека да се одвои маста, а за тоа време водата испарува.

Цело време се промешува и се внимава да не загори. Кога џимиринките/чварките ќе добијат розова боја, а маста станала проѕирна, на површината нема веќе меурчиња, се трга тенџерето од оган и преку сито се процедува маста. На тој начин се одделуваат џимиринките/чварките.

МАСТ – Маста за да има подобар вкус, после процедувањето повторно се враќа на оган добро да проврие на брзина, па се трга од оган и приближно на секои 10 кг маст се долева 1 литар млеко и тоа внимателно, зошто лесно може да ви претече (најсигурно е тенџерето да биде големо).

Повторно вратете на оган и цело време мешате, па кога ќе видите дека млекото почнува да се згрутчува како ситно сирење и да паѓа на дното, тргнете го од огнот. После ова повторно се процедува маста, се остава малку да излади па сè се налева во садови (тегли, тенџериња…).

ЏИМИРИНКИ / ЧВАРКИ – Во зависност од тоа колку џимиринки/чварки имам, така и постапувам. Ако се малку, тогаш само на кратко ги враќам повторно на оган, ги пропржувам, повторно ги процедувам, ги посолувам и толку. Но, ако имам поголема количина, тогаш ги враќам повторно во тенџерето на оган.

Кога ќе зовријат ги полевам со млеко, па ги пржам додека водата од млекото да испари, а тоа започне да згрутчува и таложи на дното. Тогаш ги тргам од оган, ги процедувам и посолувам. Вака приготвените џимирински/чварки не можат да се споредат со обичните џимиринки/чварки.

РЕЦЕПТ 2: Фото и рецепт: Катарина Дуспара – Купечката сланина се сече на коцки, се ставаат во поголемо тенџере и се додава чаша вода. Се варат на умерен оган, па кога водата ќе испари и ќе започнат да се топат, се одвојува првата маст. Тоа е онаа што останува бела кога ќе излади и ќе се стврдне.

Потоа се користи за колачи, се меша со путер и слично. Се меша цело време, а пред крајот, кога ќе добијат убава заруменета светлокафеава боја, им се додава малку млеко за да добијат карамел боја. Кога и млекото ќе испари, џимиринките/чварките се готови.

РЕЦЕПТ 3: Фото и рецепт: Светлана – Излупете ја сланината од кожата, па исечете ленти со дебелина од 5 см. Потоа исечете ги на парчиња со дебелина од 1 см ако сакате џимиринките/чварките да ви крцкаат како чипс. На дното од тенџерето (не смее да биде емајлиран) од 50 л ставете 700 мл вода.

Додадете ги исечените парчиња од сланина и потпалете го огнот кој треба треба да умерен. Мешајте по дното за да спречите загорување и лепење. Кога сланините ќе започнат да пуштаат маст, додадете околу 500 мл млеко за да добијат убава црвена боја и понатаму постојано мешајте со дрвена лажица.

Потоа тргнете од оган, а џимиринките/чварките и маста процедете ги притискајќи ги со лонче за да се истисне од нив вишокот маст. Џимиринките/Чварките не ги солете веднаш!

РЕЦЕПТ 4: Фото и рецепт: Снежана (ако ги правите на рингла на шпорет) Исечете ја сланината на коцки 3х3 см, ставете ги во тенџере и додадете 500 мл вода. Пржете на средна температура (од 1-6, вие ставете на 4). Треба да се меша често и да се внимава да не загори.

Кога маста ќе се растопи и ќе ги прекрие џимиринките/чварките и кога ќе добијат малку златна боја, се додава 100-200 мл млеко. Се продолжува со мешање додека маста да се избистри и џимиринките/чварките да добија убава боја. Врелите џимиринки/чварки се посолуваат. Од 2,5 кг сланина добив околу 1,3 кг маст и 800 г џимиринки/чварки.