Ловоровиот лист (Laurus nobilis) или ловор, се ливчиња од ловоровото зимзелено дрво кое потекнува од медитеранските земји. Доказ дека ловорот се одгледувал и бил особено почитувано растение уште од далечното античко минато се познатите ловорови венци, изработувани токму од ловоровите листови.

Ваквите венци служеле како симбол на слава и победа, па биле користени за крунисување на победниците во различните актуелни спортови во стара Грција и Рим. Уште одамна ловоровите листови се користеле и во традиционалната медицина и како зачин, а денес ловоровиот лист е еден од најкористените зачини во медитеранската кујна.

Ловоровите ливчиња најчесто се употребуваат суви и цели, односно како зачин кој на јадењата им дава специфична арома. Се користат при подготвувањето на најразлични рецепти, како чорби, супи, риба, различни тавчиња итн. Исто така, позната е употребата на крупните зрна од црн пипер и ловоровите ливчиња кај ферментираната храна (зимници).

Исто така, во нивната сува форма, тие се употребуваат за подготовка на чај, додека свежите листови се употребуваат и за добивање на есенцијално масло од ловор. Ова есенцијално масло потоа се користи во козметичката индустрија, за подготовка на сапуни, парфеми итн.

Ловоровиот лист веќе долго време се користи како зачин, но и како лек, пред се поради неговите антисептички и антиинфламаторни ефекти. Ловоровиот лист е познат во нашата област како исклучителен кулинарски зачин, кој ги збогатува оброците со својата карактеристична арома и пријатен вкус.

Богат е со витамини од групата Б (рибофлавин, пиридоксин, ниацин и пантотенска киселина) кои придонесуваат за подобро функционирање на нервниот и мускулниот систем, има позитивно влијание врз метаболизмот, хормоналниот статус, а ловорот содржи многу минерали како калиум, бакар, манган, калциум , селен, железо, магнезиум и цинк.

Ловоровиот чај се користи во лекување на болести на органите за варење, анорексија, губење на апетит, дијабетес, кардиоваскуларни нарушувања, како и за дезинфекција на области за заштита од вируси, грип, настинки и разни други микроби.

Ловоровиот лист има седативно дејство и се користи во случај на нервоза, напнатост и несоница. Исто така, ловоровиот лист може да биде многу корисен во третманот на гихт и ревматизам, а есенцијалното масло од ловор успешно се користи во третманот на заболување на лимфните јазли затоа што го зајакнува имунитетот. Доволно е да го протриете ловоровиот лист на кожата на грлото за да се ослободите од непријатноста.

Маслото од ловоров лист се користи и при респираторни проблеми бидејќи ја намалува непријатната честа кашлица и помага во исфрлање на слузта од белите дробови. Во фитотерапијата се користат лисја кои се берат кога се веќе целосно развиени, никогаш млади. Во козметиката, ловоровиот лист се покажа како одличен против отстранување на првутот од скалпот и е составен дел на многу креми и лосиони за масна кожа и коса.

Подобра дигестија

Ловоровите ливчиња содржат одредени органски компоненти кои можат да помогнат при синдромот на нервозни црева, намалувајќи ги подуеноста и гасовите. Тие имаат позитивен импакт на гастроинтестиналниот систем и преку поттикнувањето на почестото уринирање, што помага за полесно отстранување на токсините од телото.

Ловоров лист против кашлица

Ситно исечкајте три ловорови лисја во тенџере, истурете 250 мл вода преку нив и варете уште 10 минути по зовривање на водата. Потоа тргнете го тенџерето од оган и оставете го чајот да отстои поклопен уште 10 минути, а потоа процедете. Подготвениот чај може да го засладите со мед и да додадете неколку капки сок од лимон, но само во изладен чај.

Чајот се пие два до трипати на ден во количина по 300 мл. Ловоровиот чај подготвен на овој начин позитивно делува против кашлање и се препорачува да се пие за зајакнување на имунитетот при грип, а најефикасен е кај бронхитис и други респираторни проблеми.

Кај посериозни респираторни заболувања се препорачува чајот да го подготвите на овој начин:

Во сад ставете половина литар вода и 150 г шеќер, оставете да зоврие и додајте 10 ловорови лисја, а потоа варете на тивок оган уште 30 минути. По изминатото време, процедете го чајот и пијте го незасладен по потреба.

Ловоров сируп за кашлица, кој ќе ве изненади со својот пријатен и благ вкус, што честопати не е случај со другите рецепти за оваа намена.

Потребни состојки: 6 ловорови лисја, 250 мл вода, 6 лажици кафеав шеќер, 1 лимон со средна големина.

Подготовка: Зовријте ја водата во соодветно тенџере, а потоа додајте ги ловоровите лисја и варете го чајот 6 – 10 минути поклопен со капак. Процедете го чајот и претурете го во чаша. Додајте кафеав шеќер и исцедете го лимонот во чајот. Промешајте ги сите состојки и почекајте шеќерот да се растопи во чајот.

Консумирајте 2-3 лажички на ден од сирупот. Ова е сосем соодветна доза,  доволно за ублажување на непријатноста на кашлицата и исфрлање на слузта. Чувајте го ловоровиот сируп во фрижидер и можете да го користите во наредните 3 дена, а потоа е пожелно да направите нова тура од сирупот. Во случај на силна настинка, земете дополнително парче ловоров лист и џвакајте го. Оваа техниика исто така ќе ја ублажи непријатната сува кашлица.

Ловоров лист за исфрлање на вишокот сол од телото

Ловоровиот лист има повеќенаменска употреба и е многу корисен за лекување на целиот спектар на здравствени проблеми. За исфрлање на вишокот сол од телото, подгответе напивка од ловоров лист на овој начин.

Исечкајте 2-3 ловорови лисја на ситни делови, вечерта пред легнување. Истурете 300 мл вода и варете во тенџере во наредните 5 минути откога ќе зоврие водата. Претурете ја течноста во термос (за да остане топло преку целата ноќ) и затворете со капак.

Наутро, процедете ја течноста од шишето во чаша и распоредете го пијалакот во текот на денот. Пијте во мали голтки, во никој случај не пијте ја целата количина одеднаш. По седум дена, повторете го овој третман.

Ако овој чај ви предизвика често мокрење, не грижете се. Ова е добар знак дека ловоровиот лист започнал да ги раствора солите во организмот, па затоа е зголемена потребата за во тоалет. Вистинските резултати од овој третман ќе бидат видливи само по неколку денови, кога ќе се чувствувате многу полесно, а болката целосно ќе исчезне.

Ловоров лист за одржување хигиена на стапалата и лекување на габични инфекции на ноктите

5 големи ловорови лисја сомелете ги што е можно поситно и прелијте ги со 96% алкохол (100 мл). Оставете да отстои 7 дена, а потоа процедете ја течноста.              Подмачкајте ги нозете со смесата, но само откако добро ќе ги отстоите нозете во  топла вода со лажица сода бикарбона.

Избришете ги нежно стапалата, намачкајте ги со смесата на местата на габичната инфекција (околу ноктите), облечете памучни чорапи и оставете да делува лекот некое време, а потоа само исплакнете со вода. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска