Компирите може да се прават на најразлични начини и може да се послужат како главно јадење, прилог или како закуска. Некои ги сакаат како помфрит, а некои потпечени. Веројатно и сами знаете да ги приготвите на милион начини, со различни зачини, сосови итн. Нема кој не ги сака компирчињата особено кога текстурата им е крцкава.




На НМД можете да најдете многу рецепти во кои компирот е главната состојка, а се чини дека еден од омилените е крцкавиот помфрит, без разлика дали е пржен или печен во рерна, со масло или без масло. Сите овие рецепти можете да ги најдете во нашата архива.

Во продолжение прочитајте два рецепти за потпечени компири во сос, за кои не ви треба многу време да одвоите за нив, а во вкусот со сигурност ќе уживате. Можете да ги послужите како закуска, прилог на главното јадење, но и како главно јадење. Еве што ви е потребно:

ПРВ РЕЦЕПТ




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 3 средни компири, 200 г цврст/густ јогурт, 2-3 чешниња лук, сол, црн пипер, 100 г рендан кашкавал, малку маслиново масло. Количината на компирите определете ја според потребите и според тоа одредете го соодносот на останатите намирници кои што се потребни.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 5-6 компири, 1 главица карфиол, 2 големи лажици сув кромид (може и свеж), сол, црн пипер, 1 мала лажица лук во гранули, 1 лажица ситно сечкан магдонос, 10 лажици брашно, 2 мали лажици прашок за печиво, 4 јајца, 1/2 сол масло, 2 лажици млеко.




ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Во сите рецепти компирите се ставаат во подлабок сад со вода да се измијат од скробот на половина до 1 час. Потоа се менува водата и повторно се оставаат да отстојат уште малку, па со третиот млаз вода одделно се мијат. Доколку користите млади компири, нема потреба од лупење.




Во спротивно, излупете ги компирите, па исечете ги на коцки со средна величина. Во меѓувреме подгответе го филот. ЗА ФИЛОТ: Во подлабок сад ставете цврст јогурт или кисела павлака, посолете, додајте прстофат црн пипер и изрендан лук, промешајте сè да се соедини, па дегустирајте.




Филот мора да биде малку посолен од обично, но секако и ова е по вкус. Чешнињата лук исто така можете да ги испасирате низ преса или да ги исечкате многу ситно. Еден плех премачкајте го со малку маслиново масло, а одоздола обложете го со хартија за печење. Ставете ги коцките од компирот едни до други без да се допираат.




Кога ќе го склопите првиот ред, премачкајте ги со филот. Потоа наредете го вториот ред компири, па повторно премачкајте го преливот, повторете ја постапката најмногу до четири редови. Загрејте ја рерната на 170 C. Покријте ја тавата со алуминиумска фолија и печете покриено околу 50 минути.




Користете чепкалка за да проверите дали компирот е мек однатре. Кога компирите ќе омекнат, извадете ја фолијата, наросете го ренданиот кашкавал и печете сѐ на 200 степени околу десет минути додека кашкавалот да се растопи и компирите да добијат убава, златна боја. Јас понекогаш ги оставам и подолго, додека да станат крцкави. Следува постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Карфиолот исечкајте го што поситно, а компирот изрендајте го, претходно треба да биде добро измиен и излупен, како што е опишано погоре во првиот рецепт. Во еден сад измешајте ги јајцата, млекото и маслото, додајте го брашното, прашокот за печиво и зачините и соединете.

ВТОР РЕЦЕПТ




На крај се додаваат компирите, карфиолот и кромидот и сето убаво се меша додека да се соедини. Длабока тава или плех премачкајте ја со масло и прелијте ја подготвената смеса. Се пече во претходно загреана рерна на 210 степени, околу 40 минути или додека убаво да заруменат, во зависност од рерната. Послужете и декорирајте со ситно сечкан магдонос, а по желба може да ставите малку и во смесата.  / Сoolinarka.сom