I РЕЦЕПТ – Манастирски ќофтиња од грав: Најубавиот рецепт од Света гора, посно, евтино и едноставно…

Рецепт и видео презентација на Валентина Машковиќ – Хиландриско ќофте од грав. Поздрав драги домаќини и домаќинки. Ова е вистински рецепт токму за посните денови. Толку едноставен за приготвување, а заситен, така што целото семејство ќе можете да ручате и да се сладите.

Оние кои не постат, исто така ќе бидат воодушевени со овој рецепт, бидејќи гравот приготвен на овој начин е неверојатно вкусен. Ако ви недостига месо, а мислам дека нема, тогаш додадете го како прилог.

Потребни состојки: 700 г бел грав, 1 главица кромид, 1 главица лук или по вкус, 1 ќитка магдонос, 1-2 лажици зачинска црвена пиперка, сол, сув зачин по вкус, 4 лажици презла + за валкање на ќофтињата, 5 страка праз, 150 мл масло + 100 мл за запршка и 2-3 лажички алева пиперка (црвен пипер во прав).

Постапка: гравот одвечер покиснете го за да набубри. Кромидот излупете го и колку можете поситно исечкајте го и додајте го во гравот. Додајте вода колку да се прекрие гравот, па на тивок оган сварете го за да омекне, за да може да се испасира.

Празот исечете го ситно на парчиња, па заедно со 150 мл масло (или помалку) пропржете го на тивко да се издинста. Додека празот се динста, испасирајте го гравот (ако има вишок вода, процедете го). Магдоносот ситно исечкајте го и додадете го во пасираниот грав.

Зачинете со полна лажица или две, зачинска црвена пиперка, црн пипер во прав, една плна лажица сув зачин, малку сол по вкус. Лукот ситно исечкајте го или поминете го низ преса, па и него додадете го во смесата од грав. На крај додадете 3-4 полни лажици презла. Промешајте добро да се изедначи, вкусете и додадете зачини по ваш вкус. По потреба додадете презла за да можете да формирате ќофтиња.

Издинстаниот праз распоредете го во тепсија. Дланките и лажицата натопете ги со вода (ставете си чинија со вода покрај вас), па црпете поголема лажица и формирајте топки. Вака формираните топки валкајте ги во чинија со презла и редете ги во тепсијата врз празот.

За запршка: На оган загрејте 100 мл масло, исклучете ја ринглата и додадете го црвениот пипер, па веднаш прелијте го врз ќофтињата (за да не ви загори пиперот). Ќофтињата ставете ги да се запечат во загреана рерна на 200 степени околу 20-тина минути. Одозгора наросете свеж магдонос. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ – Посни ќофтиња во доматен сос – Посен ручек прсти да излижеш

Рецепт и видео презентација на Драгана Михајловиќ од “Направи Сама” (Uradi Sama) – посни ќофтоња во доматен сос. „Многумина од вас ми побараа да објавам некој посен рецепт кој ќе можете да го користите не само во време на пост и ако сте вегетаријанци, туку ова јадење може да стане и редовно во вашето мени.

Ќофте во доматен сос е многу хранливо и вкусно јадење кое сите ќе ве воодушеви. Основната смеса за ќофтињата се приготвува од ореви и леб. Како прилог може да се сварат посни шпагети, тестенини, ориз или компир, со тоа што ова ќофте во доматен сос совршено одговара со шпагети.“

Потребни состојки: 220 г ореви, 2 парчиња (кришки) леб, 3 лажици маслиново масло, вода по потреба, 2 чешниња лук, сув зачин, црн пипер и зачини по желба (тимјан, влашец), 1 главица кромид, 500 мл доматен сос и малку масло за динстање

Постапка: оревите ставете ги во блендер и сомелете ги, па истурете ги во поголем сад. Потоа во блендерот ставете две парчиња леб исечкан на поситни парчиња. Додајте лук и сомелете ги заедно лебот и лукот. Смесата додајте ја во оревите.Потоа додајте ги зачините.

Зачини: околу две лажички сув зачин (вегета), сув кромид или влашец, магдонос, оригано, црн пипер, тимијан или било кои други зачини кои вие ги сакате. Во целата таа смеса додајте три лажици маслиново масло (или обично). Водата постепено додавајте ја околу 200 мл.

Кога смесата ќе стане како влажен песок, односно кога ќе може да се обликува – тогаш е готова. Формирајте ги ќофтињата и редете ги во плех обложен со хартија, па ставете ги да се печат во загреана рерна на 180 степени околу половина час (после 15 минути превртете ги).

За тоа време на оган загрејте малку масло, па запржете го кромидот ситно исечкан. Во друг сад ставете вода да зоврие за да ги сварите шпагетите според упатството на кесичката. За неколку минути во пржениот кромид додадете го доматниот сос, посолете и оставете на тивко да динста.

Печните ќофтиња ставете ги во доматниот сос уште неколку минути заедно да се зготват и да се спојат вкусовите, околу 2-3 минути. Сервирајте заедно со варените шпагети и вашиот вкусен, а посен и здрав оброк е готов. Деталите од постапката можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.