Овие колачиња се многу ситни и малечки колку еден залак. Имаат неодолив вкус и буквално се топат во уста. Доколку ги правите во посна варијанта, тогаш наместо путер користете маргарин, а за „лепење“ користете џем или посен крем. Овие прекрасни ванилици уште се познати и како „Дамски Бакнежи“ или „Baci di dama“. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 гр брашно, 150 гр мелени лешници, 110 гр маргарин или путер, 100 гр шеќер, 10 г ванилин шеќер (1 кесичка), прстофат сол. За полнење или фил: 70 г чоколадо (посно, со висок процент на какао или по ваша желба)/ густ џем / лешников крем / намаз по желба




ПОСТАПКА: Во подлабок сад просејте го брашното и додајте мелени лешници, прстофат сол и омекнат путер или маргарин. Од овие состојки замесете тесто (најдобро со рака за убаво да се изедначат состојките). Формираното тесто завиткајте го во проѕирна-стреч фолија или кеса и оставете го во обичен фрижидер да одмори три часа.




По изминатото време извадете го тестото од фрижидер, па кинете мали парчиња и со дланките формирајте топчиња малку поголеми од лешник (секое топче би требало да биде 7 г, но ова можете одокативно да го правите). Топчињата редете ги во плех обложен со хартија за печење.




Загрејте ја рерната на 150 степени, па печете ги ванилиците 20 минути. Треба да останат бели, па можеби ќе ви изгледаат непечено и меки, но најдобро е да ги оставите да се оладат, бидејќи после тоа ќе бидат доволно тврди и ќе можат да се „лепат“. Чоколадото растопете го на пареа, па соединувајте две по две колачи.




Оставете да се стегне чоколадото и послужете. По желба колачите можете да ги валкате во шеќер во прав помешан со ванила, но бидејќи се бели и спојувани со црно чоколадо, сами по себе се многу декоративни. Можете да ги спојувате и со бело чоколадо, кое исто така може да се најде и во посна варијанта. А еве како се прават класични, македонски ванилици, исто така, во посна варијанта:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г маргарин (или 250 г маргарин и 250 мл масло), 250 г шеќер во прав, 1 лимон, 2 кесички ванилин шеќер, 100 г ореви и 1 кг брашно +-. и уште: џем по ваш избор за лепење на ванилиците и шеќер во прав за валање и наросување.

ПОСТАПКА: Пенасто изматете го маргаринот со шеќер во прав. Изрендајте кора од лимон и исцедете го сокот. Додајте ванилин шеќер и ореви. Постепено додавајте го брашното, да се замеси изедначена, но не премногу тврда смеса. Развлечете го тестото во кора и вадете ги ванилиците со модла или капаче.




Редете ги на плех обложен со хартија за печење па ставете ги во загреана рерна на 180 степени, да се печат 5-10 минути. Внимавајте да не потемнат, треба да останат бели. Додека се топли спојувајте ги со џем од кајсија и валкајте ги во шеќер во прав. Прочитајте го и третиот рецепт за кој има видео презентација:




Потребни состојки: 250 г маргарин омекнат на собна температура (кој сака може да употреби путер или маст), 100 г шеќер во прав, рендана кора од лимон, исцеден сок од половина лимон, 1 кесичка ванилин шеќер, 50 г мелени ореви, 400 г брашно тип 400 или некое друго брашно по ваш избор. И уште: џем, шеќер во прав




Постапка: Омекнатиот маргарин на собна температура, изгмечете го со помош на виљушка. Додајте шеќер во прав и ванилин шеќер и продолжете со матење. Маргаринот можете да го изработите со виљушка или со миксер, како ви е полесно.

Изрендајте и додајте малку рендана кора од лимон и исцеден сок од половина лимон. Уште еднаш добро промешајте за да се инкорпорира лимоновиот сок. Потоа додајте мелени ореви, повторно промешајте за убаво да се соедини.

Постепено во смесата додавајте меко брашно и месете со рака. Брашно додавајте сè додека тестото е меко. Убаво изработете го со рака. Се меси додека да почне да се одвојува од ѕидовите на ѕидот и да не се лепи за раце, а сепак да е меко и лесно да се обликува.




Вака добиеното тесто развлечете го со помош на оклагија во тенка кора со 0,5 см дебелина, па со помош на ракиена чашка, капаче или модли со разни форми вадете ги колачињата. Формите вадете ги и редете ги во плех обложен со хартија, а остатокот од тестото повторно соберете го и формирајте го во топка.

Потоа развлечете го во кора и повторно вадете форми. Постапката повторувајте ја додека да го потрошите целото тесто. Ванилиците ставете ги да се печат во загреана рерна на 180 степени околу 12 минути. Проверувајте ги и внимавајте да ја задржат светлата боја.

Печените колачи оставете ги малку да подизладат, па спојувајте ги две по две: намачкајте едно колаче со џем па поклопете го со друго колаче и така ќе добиете сендвич. Вака лепените колачиња валкајте ги во шеќер во прав. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

ванилици со џем