Рецепт и видео прилог на Алиса (Cooking Alisa) – пита компируша според рецептот на мајка ми.

Под овој рецепт можете да најдете уште еден за пита со компири, кој се приготвува со готови кори.

РЕЦЕПТ 1 – компируша со тегнети кори

Потребни состојки:

400 г брашно
1 лажичка сол
200 мл топла вода
+ малку брашно за обликување и масло

За фил:

6 поголеми компири
1 главица кромид
црн пипер, сув зачин (вегета)

Постапка:

Во брашното додадете сол и постепено додавајте вода и замесете мазно, средно меко тесто. За подобро да се изработи тестото поделете го на два дела и секое формирајте го во топка. Премачкајте ги со масло, покријте ги со проѕирна фолија и оставете ги да одморат 15-тина минути.

Врз работна површина прекриена со чаршав развлечете кора со облик на елипса и премачкјате ја со масло. Во меѓувреме компирот исечкајте на ситни коцки, додадете ситно сечкан кромид и зачинете со црн пипер во прав и вегета. Потоа започнете со развлекувањето на кората колку можете потенко (погледни видео).

На двата краја нанесете фил и свиткајте до половина во ролна. Пресечете ги и ставете ги во намастена тепсија во вид на полжав. Повторете ја постапката и со другата кора, а ролните надоврзувајте ги спирално. Потоа исечете ја на триаголници и ставете да се пече во загреана рерна на 180-200 степени околу 40-тина минути. Печената пита прелијте ја со малку вода и лажичка вегета, а потоа вратете ја уште 5 минути во рерна да се запече. Деталите можете да ги погледнете во видеото:

https://youtu.be/B9CiDiY9VFA

РЕЦЕПТ 2 Пита со готови кори

Потребни состојки:

6 листови кора за пита
2 поголеми компири
1 голема главица кромид
малку масло и сол
многу црн пипер

Постапка:

Кромидот и компирите исечкајте ги на ситни коцкички, посолете и запиперете, па додадете малку масло. Земајте две по две кори, а помеѓу прскајте ги со малку масло. Редете од филот и виткајте ги како ролат. Одозгора премачкајте ги со уште малку масло, па ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени околу половина час. Печената пита извадете ја од рерна, испрскајте ја малку со вода, па вратете ја уште неколку минути во исклучената рерна.