Овој рецепт ќе ви стане хит, особено поради едноставноста на подготвување. Кога сакате да се заблажите со нешто освежително, пробајте ја оваа торта која не се филува, само се меша и излева во еден калап, па се става на ладење и за кратко време е готова. Целата постапка одзема 10-тина минути, а после се лади неколку часа или најдобро преку цела вечер.




За оваа торта ви е потребно, само овошје (најдобро сезонско), а тортата е највкусна со киви, банани, јагоди, јапонски јаболка… Какво овошје и да користите, нема да згрешите. Во продолжение може да прочитате уште еден втор рецепт за освежителна, јогуртна торта. Еве што ви е потребно за првиот рецепт:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 7 г агар-агар, 50 мл вода, 150 мл млеко, 350 мл јогурт, 200 г кондензирано млеко. ОД ОВОШЈЕ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 4 мандарини, 2 јапонски јаболка, 2 киви, 1 банана, неколку јагоди. ПОСТАПКА: Исечкајте го овошјето, кивите излупете ги, па исечете ги на кругови. Истото направете го и со јапонското јаболко.




Мандарините излупете ги, па две од нив поделете ги на половина со остар нож, а останатите две издвојте ги на помали парчиња. Бананата исечкајте ја на кругови. Во еден помал сад, со длабочина од 1,5 литар, наредете ги половина од мандарините, а помалите парчиња зачувајте ги за филот.




Наредете ги и кивите и бананите и неколку јаготки по страната на садот и на дното. Во едно тенџере ставете го агар-агарот, прелијте со вода и ставете го тенџерето на рингла, вклучена на ниска температура. Мешајте додека да се раствори, па прелијте со млекото. Кога млекото ќе се загрее, додајте го јогуртот и кондензираното млеко.




Кога смесата ќе зоврие и малку ќе згусне тргнете го тенџерето од рингла и додајте го преостантото сечкано овошје. Измешајте, па нежно излејте ја смесата во калапот, за да не ви се растури нареденото овошје. Израмнете со лажица, па ставете го садот во фрижидер, за колачот да се стегне, најдобро преку цела вечер. Следниот ден, превртете го на рамна чинија и исечете го на правоаголници.




Рецептот за овој освежителен и суперлесен рецепт ни го откри нашата драга членка Габриела Миленкоска во групата НМД рецепти. Пробајте го, нема да ве остави рамнодушни. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г бисквити, 500 г јагоди (овошје по желба), 500 мл јогурт и 500 мл слатка павлака.

ВТОР РЕЦЕПТ




ПОСТАПКА: Во еден поголем сад искршете ги бисквитите. Не е важна големината, може покрупно или поситно да ги кршите. Прелијте ги со јогуртот и оставете ги настрана. Додека бисквитите го впиваат јогуртот, измијте го исечкајте го овошјето на поситни парчиња. Овошјето може да биде сезонско, по ваш избор. Освежителен вкус даваат јагодите, праските, кајсиите, малините, сите бобинки.




Настрана се мати со миксер слатката павлака додека да се добие цврст шлаг, а потоа се дели на два еднакви делови. Во едниот дел се додава овошјето, а потоа се соединува со смесата од бисквити и јогурт. Смесата може да ја мешате со лажица, но може и со рака. Излејте ја во помало тавче или калап обложен со проѕирна фолија. Обликот исто така е по ваш избор.




Одозгора рамномерно нанесете го остатокот од слатката павлака и израмнете. Декорирајте по желба, со сечкано овошје, мелени бисквити. Тортата оставете ја во фрижидер да излади околу два часа, а потоа можете да ја сечете и да ја послужите. Фото и рецепт на Габриела Миленковска. Деталите од целата постапка за првиот рецепт може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.