Рецепт на Катарина. Оваа торта е најдобрата која постои и затоа обично ја приготвуваме за Нова година, за да ја направиме оваа ноќ уште посебна.

Кога ќе ја погледнете како изгледа, а особено откога ќе го промате нејзиниот вкус, сигурно ќе си помислите дека е произлезена од врвните раце на некој познат готвач…Но, верувајте, оваа торта има многу едноставна подготовка. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г ореви, 10 белки, 1 прстофат сол, 200 г шеќер, 40 г скроб/нишесте/густин. ЗА ФИЛ: 10 жолчки, 130 г шеќер, 150 мл млеко, 20 г какао, 200 г путер. Јајцата, како и сите останати состојки, пред отпочнување на подготовката потребно е да отстојат на собна температура.

ПОСТАПКА: Во сува тава ставете 300 г исчистени ореви, па истостирајте ги неколку минути на умерена температура. Мешајте постојано додека оревите малку да потемнат, односно почнат да ги ослободуваат етеричните масла, а тоа ќе го забележите по убавиот мирис.

Додека ги тосторате оревите внимавајте да не ви загорат, потребно е само убаво да замирисаат. Оставете ги да се оладат, а потоа врз даска за сечење убаво иситнете ги со голем и остар нож. Тие ќе бидат дел од вкусните, крцкави кори на тортата.

Од десет јајца одделете ги белките од жолчките во посебни садови. Во белките ставете еден прстофат сол, па пенасто изматете ги со миксер. Кога ќе се формира доволно пена, започнете постепено да додавате 200 г шеќер додека непрекинато матите.

Потребно е да се изматат белките доволно долго за целосно да се растопи шеќерот и да се добие цврст снег кој не паѓа кога ќе се преврти садот. На крај, во снегот од белки додајте 40 г скроб/нишесте и продолжете со матење уште една минута додека рамномерно да се распореди.

Во густиот крем од белки започнете постепено да ги додавате исечканите ореви, па внимателно промешајте со шпатула за да распоредат рамномерно. Смесата треба и натаму да остане пенлива и воздушеста.

Користете подлабок сад за да можете убаво да мешате. Смесата излејте ја во големиот плех од рерна обложен со хартија и ставете да се пече во загреана рерна на 170 степени, 50 минути.

За тоа време пригответе го филот. Во едно големо тенџере ставете ги 10-те жолчки, додајте 130 г шеќер, 150 мл млеко, па изматете со жица маталка додека шеќерот да се растопи, а жолчките да згуснат и побелат.

Тенџерето ставете го на умерен оган, па згответе го кремот со непрекинато мешање додека да згусне.

Во кремот додека е топол додајте 20 г какао или чоколадо во прав, па промешајте за да се распореди еднакво и да добиете кафеава смеса.

Сварениот крем префрлете во друг сад и оставете го целосно да се олади со повремено промешување или покријте го со проѕирна-стреч фолија.

Печената кора извадете ја од рерна, оставете ја малку да се подизлади, па превртете ја и отстранете ја хартијата за печење. Кората поделете ја на три еднакви, долгнавести парчиња (најдобро е да користите линијар).

Путерот кој претходно сте го исекле на коцки и сте го оставиле да омекне на собна температура, сега пенасто изматете го со миксер. Во него започнете да го додавате изладениот крем, лажица по лажица додека целосно да се соединат. Путерот и кремот мора да бидат на иста температура.

РЕДЕЊЕ: кора, фил, кора, фил, кора, фил. Врз секоја кора се става приближно по три полни лажици крем, се распоредува, израмнува и поклопува со друга кора. Се остава малку крем и за страните.

Одозгора се наросува со слатко какао, чоколадо или по ваш вкус. Пред послужување се лади во фрижидер најмалку три часа. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.