Златната крвна група или Rh нулта крвна група не содржи Rh антигени (протеини) во црвените крвни клетки. Ова е најретката крвна група во светот, со помалку од 50 индивидуи.

Најпрво била забележана кај Аборџините во Австралија. Проблемот со оваа крвна група е тоа што нема доволно извори за донирање. Лицата со оваа крвна група се принудени да се потпрат на малата мрежа составена во целиот свет од луѓе со иста крвна група, доколку некогаш им затреба крв.

А во целиот свет има само девет активни донатори за оваа крвна група. Тоа ја прави најскапоцената крвна група во светот, па оттука и името “златна” крв.

Нашите крвни клетки имаат протеини наречени антигени, па во зависност од присутниот антиген, разликуваме А, Б, О или АБ крвна група. АБО системот понатаму ги разликува групите според Rh позитивен или Rh негативен, во зависност од присутниот фактор во клетките.

Во златната крвна група на поединецот му недостигаат сите Rh антигени додека на лице со Rh негативна крвна група му недостига само RhD антигенот.

Зошто некои луѓе имаат златна крвна група?

Новата крвна група се чини дека е резултат на генетска мутација (спонтани промени во генот). Најчесто се забележува кај RHAG генот, кој го кодира Rh поврзаниот гликопротеин. Овој протеин е потребен за насочување на Rh антигените кон мембраната на црвените крвни клетки.

Оваа мутација најчесто се поврзува со болеста наречена наследна стоматоцитоза. Овие лица може да имаат хронична, хемолитична анемија и зголемено распаѓање на црвените крвни клетки. Овој фенотип исто така, може да се забележи и кај некои лица кои се родиле со специфична анемија.

Следниве услови може да бидат причина за појава на златна крвна група:

-брак помеѓу роднини, брат-сестра или со некој близок или подалечен роднина;
-автозомни гени (абнормални);
-промена или целосно бришење на одредени гени.

Дали може да се донира златната крвна група?

Да, може и се смета за универзален донатор, бидејќи може да се донира на секој со ретка крвна група.

Оваа крв е одлична за трансфузија, бидејќи нема заеднички антигени и може да ја прифати секој кој има потреба од трансфузија без ризик од реакција. Сепак, поради реткоста на оваа крв, навистина е тешко да се пронајдат донори.

За жал, луѓето со оваа крвна група можат да примат само крв од донатор на златна крвна група.