Брза и без печење FERRERO ROCHER торта, која е погодна за апсолутно секоја пригода, бидејќи делува многу богато и декоративно. Можете секогаш да ја послужите за секаква пригода за секакви гости, нема да бидете разочарани.

Потребни состојки за прв слој: 300 г наполитанки од лешник (нугат), 150 г лешници и 200 г нутела. Потребни состојки за втор слој: 500 г маскарпоне (свежо кравјо крем сирење), 400 г нутела, 100 г наполитанки лешник (нугат) и 200 г лешник. Потребни состојки за трет слој: 300 г нутела и 10 г Ferrero rocher чоколатца

Постапка: лешниците запржете ги малку на сува тава додека да замирисаат. Излупете ги и сомелете ги. Во мултрипрактик сомелете ги наполитанките и измешајте ги со лешници и нутела. Смесата натапкајте ја на дното од калапот за торта и оставете да излади и да се стегне.

Остатокот од сомелените наполитанки измешајте ги со лешник, маскарпоне и нутела. Добро промешајте па премачкајте го првиот слој. Преостанатата нутела растопете ја на кратко во микробранова пречка па премачкајте ја со неа тортата. Преполовете ги фереро чоколатцата и наредете ги врз тортата. Вашето ремек дело е готово.

II РЕЦЕПТ Највкусната Фереро Рошер торта што некогаш сте ја пробале – секогаш ќе ја правите во двојна мера

Фотографија и рецепт на Нермина Дервишагич – Муклаџија “Фереро рошер торта”. Тортата е направена според рецептот на Данијела Текијаски која за својата торта вели: “Оваа торта ја правам од двојна мера, бидејќи е превкусна, не е преслатка, а полна е со чоколадо.

Мојот совет за сите оние кои ќе се одлучат да ја приготват е да ги удвојат состојките како што направив јас, зошто тортата е толку многу вкусна, што веднаш ќе се изеде.” Тортата на Данијела е приготвувана од двојна мера, а кората е печена во големиот плех од рерна, па после ладењето е пресечена на две половини.

Тортата на Нермина е приготвувана од единечна мера, а кората е печена во тркалезен калап со димензија на пречник од 24 см, па по ладењето е пресечена на половина, со што се добиваат две тенки кори и во обата случаи.

Потребни состојки за кора: 100 г путер, 100 г шеќер во прав, 4 јајца, 130 г менаж чоколадо или друго темно чоколадо за готвење со висок процент на какао, 1 кесичка ванилин шеќер, 70 г брашно, 1 лажичка прашок за печиво, ½ лажичка сол, 70 мл слатка павлака, 130 мл млеко

Потребни состојки за крем: 400 г нутела, 400 г крем сирење, 250 г сечкани лешници, 100 г наполитанки (со лешников вкус). За глазура: 200 г Менаж чоколадо или друго темно чоколадо со висок процент на какао и 200 мл слатка павлака.

Постапка: Путерот исечкајте го на ленти и оставете го да омекне на собна температура. Потоа додадете го шеќерот, па со помош на електричен миксер пенасто изматете го додека да стане кремозен. Потоа започнете да ги додавате жолчките една по една.

Непрекинато матете со миксерот додека жолчката да се инкорпорира во путерот, па дури потоа додадете ја следната жолчка. Чоколадото растопете го на пареа и малку разладете го за да не биде многу топло кога ќе го додавате во путерот (може да се растопи).

Изладеното, а сепак течно чоколадо, додавајте го во кремот додека непрекинато матите со миксерот. Потоа додадете го какаото и ванилин шеќерот, па доматете уште малку колку да се соединат состојките. Брашното помешајте го со прашокот за печиво и просејте го.

Брашното постепено додавајте го смесата и мешајте со лажица додека целосно да се инкорпорира. Мешајќи додавајте ги една по една останатите состојки: слатката павлака и млекото. На крај изматете ги белките во цврст снег и постепено дадете ги во смесата.

Мешајте со лажица со превртување за да остане смесата кремаста и воздушеста. Рамномерно распоредете ја во калап обложен со хартија за печење. рерната добро загрејте ја на 180 степени, па ставете ја кората да се пече околу половина час или проверете со чепкалка.

Печената кора оставете ја да се олади, а потоа пресечете ја надолжно за да добиете две тенки кори. Можете да започнете со подготовка на кремот: пенасто измиксајте го крем сирењето, додајте нутела, сечкани лешници и издобени наполитанки со вкус на лешник или по ваш избор.

Убаво соединете ја смесата со шпатула или лажица па нафилувајте ја кората. Кремот распоредете го рамномерно и убаво израмнете. одозгора поклопете со втората кора. Одозгора прелијте со чоколадна глазура: Загрејте ја слатката павлака, но внимавајте да не ви проврие.

Во топлата слатка павлака додадете го чоколадото искршено на коцки, па мешајте додека тоа да се растопи. Оставете ја тортата неколку часови во фрижидер убаво да се олади и стегне, а најдобро преку цела ноќ. Изладената торта декорирајте ја по желба, а најсоодветно би било со рошер бомбици и чоколадни струготини.

III РЕЦЕПТ – Имаме фантастичен рецепт: Никогаш повеќе нема да купите Рафаело и Рошер откако ќе го откриете овој рецепт

Фантастичен рецепт за Рафаело и Фереро Рошер топчиња. Ова се најпознатите ситни колачиња – бомбици кои се јадат во еден, максимум два залака за подолго уживање. Вкусот е неодолив и ретко кој може да се задржи само на едно колаче.

Постапката за приготвување ќе се изненадите колку е брза, лесна и едноставна. Нема да ви одземе многу време нивното приготвување, освен што за ладењето без прелив се потребни половина час, а потоа и готовиот производ треба да се лади дополнителни половина час. Но, уживањето е непроценливо!

Потребни состојки за РАФАЕЛО: 250 г обланди (“наполитанки”) со вкус на ванила, 50 г пржени (тостирани) бадеми и 100 г кондензирано млеко. За премачкување на рафаело топчињата ќе ви биде потребно: 100 г кокосови снегулки и 50 г кондензирано млеко.

Потребни состојки за ФЕРЕРО РОШЕР: 250 г обланди со вкус на какао, 50 г пржени несолени (тостирани) кикирики и 100 г нутела (ако немате нутела, тогаш некој друг лешников крем). За премачкување: 100 г млечно чоколадо, 30 г путер и 50 г пржени кикирики.

Постапка: Во блендер за мелење или „сечко” искршете ги облнда-кексите со вкус од ванила, а потоа ситно сомелете ги (внимавајте да не претерете, доволни се два-три “пулса” колку да се сомелат, а да не се изгмечат и претворат во тесто).

На ист начин сомелете ги и обландите со вкус на какао. Од двата вида наполитанки потребни ви се по 250 г. Во белите мелени обланди додадете 100 мл кондензирано млеко, а во чоколадните обланди додадете 100 г течна нутела (ако е цврста, растопете ја во микробранова печка или на пареа).

Обете смеси посебно измешајте ги добро со лажица додека да добиете изедначена смеса со структура слична на влажен песок. Веднаш можете да започнете со формирање на топчињата. За тоа ќе ви биде потребно малку да ги намастите дланките за да не ви лепи смесата.

Подгответе и 50 г тостирани бадеми, 50 г тостирани кикирики и 20 мл масло. Црпнете една лажица од белата смеса и ставете ја во дланката, палку сплескајте ја, ставете во средината еден бадем, затворете, па со помош на двете дланки формирајте правилно топче.

Пред секое формирање на нова бомбица, малку намастувајте ги дланките со маслото. Постапката повторете ја со целата смеса додека да ви се потрошат состојките, а приготвените топчиња редете го во чинија обложена со проѕирна фолија или хартија.

Како што се приготвуваат Рафаело топчињата, идентично се приготвуваат и Рошер топчињата: црпнете една лажица од чоколадната смеса, ставете ја во намастената дланка, во средината ставете тостирата кикирика, затворете и формирајте топче со дланките.

Вака приготвените Рафаело и Рошер оставете ги во фрижидер да се ладат половина час за да се стегнет добро. Следи завршниот дел: сто грама искршено чоколадо (или чоколадни „снегулки”) прелијте ги со 30 г растопен путер, па промешајте додека да добиете течна чоколадна глазура.

Додадете 50 г крупно мелени/кршени тостирани кикирики и промешајте за да се изедначи смесата. Секое чоколадно топче потопувајте го во оваа чоколадна глазура со кикирики да се обложи од сите страни, па со помош на две виљушки вадете ги врз хартија.

За Рафаело топчињата потребно е да ги потопувате во кондензирано млеко, а потоа да ги валкате во кокосово брашно/снегулки. И за овие точиња помагајте си со две виљушки. Кога се готови ставајте ги врз чинија обложена со хартија.

На крај останува само уште Рафаело и Рошер топчињата да ги оставите во фрижидер добро да се изладат, најмалку половина час, а потоа да уживате во нив. Воздржете и не ги изедувајте сите.

IV РЕЦЕПТ – Фереро рошер ролат: Готов е за 15 минути, вистинска уживанција. Фотографија и рецепт на Лилјана: Мислам дека нема некој кој не ужива во вкусот на чоколадо, нутела и лешници…

Потребни состојки: 6 јајца, 100 г шеќер, 1 прстофат сол, 25 г какао, 2 лажици густин, 180 г чоколадо (над 50%) и 2 лажици врела вода. За крем: 250 г маскарпоне (вид кремасто сирење), 250 г нутела, 150 г пржени, лупени, грубо мелени лешници. За глазура: 200 г темно чоколадо, 25 г путер и 50 г пржени, лупени, грубо мелени лешници

Постапка: загрејте ја рерната на 180 степени. Плехот од рерна обложете го со хартија за печење. За кора: Одвојте ги жолчките од белките. Чоколадото растопете го на пареа. Белките изматете ги во цврст снег со прстофат сол. Жолчките измиксајте ги со шеќерот додека да згуснат и побелат. Додајте претходно измешани и просеани какао и густин.

Потоа додајте го растопеното чоколадо и миксајте додека да се соедини во еднолична смеса. Додајте и две лажици врела вода. На крај нежно соединете ја смесата со снегот од белки, внимателно мешајќи со лажица (со превртување, за да остане смесата воздушеста).

Рамномерно нанесете ја смесата во плехот и ставете да се пече во загреаната рерна вкупно 13 минути. Подгответе влажна крпа додека се пече кората (крпата не смее да има мирис на омекнувач, за да не го промени мирисот на кората).

Кога кората ќе ја извадите од рерна, наросете ја со какао и покријте ја со проѕирна фолија. Префрлете ја врз влажната крпа со онаа страна на која е хартијата, па свиткајте заедно со крпата во ролат. Оставете да се излади на собна температура.

За крем: Измиксајте го крем сирењето и нутелата, па додајте ги лешниците. Кога кората ќе биде изладена, одвиткајте ја, отстранете ја фолијата, премачкајте ја со кремот и повторно завиткајте. Додека го виткате ролатот, овојпат одлепувајте ја хартијата за печење. Ролатот ставете го во фрижидер додека ја приготвувате глазурата.

За глазура: на пареа растопете го чоколадото и путерот. Ролатот ставете го на решетка или на хартија за печење (може да ја искористите истата хартија на која се печеше кората) и премачкајте го со глазурата. Одозгора наросете лешници, па повторно вратете го во фрижидер добро да се стегне.

Ролатот е доста цврст, така што едноставно се отстранува хартијата и се префрла врз чинија за послужување. Половина час пред послужување извадете го ролатот за малку да се отпушти.

Напомена: Готовиот ролат може да се завитка во проѕирна фолија и да се чува во фрижидер или да се транспортира без да се оштети. / Фото и рецепт: Лилјана