Од само неколку состојки кои веќе ги имате в кујна, пригответе вкусни „кекс“ колачиња на многу лесен, брз и едноставен начин.

Ги нарековме „мраморчиња“ поради нивниот мраморен изглед, а се печат за 20-тина минути. Еве што ви е потребно за овие фантастични и едноставни ситни колачи според рецептот на „Цицибан“:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г путер/маргарин, 130 г шеќер во прав, 1 кесичка ванилин шеќер, 1 јајце, 500 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 2 супени лажици какао во прав

ПОСТАПКА: Путерот исечкјате го на коцки и оставете го да омекне на собна температура, а потоа додајте го шеќерот во прав и ванилата, па пенасто изматете го со миксер. Потоа додајте едно јајце и уште малку изматете додека да се соедини со путерот.

Започнете постепено да го додавате брашното помешано со прашок за печиво и замесете со рака. Треба да добиете фино, мазно тесто, средно меко кое лесно може да се обликува со рака.

Тестото поделете го на два дела. Во едниот дел додајте какао во прав и добро замесете додека да се изедначи и да добиете кафеаво тесто.

Двете теста развлечете ги во правоаголници со иста големина, ставете ги едно врз друго и свиткајте ги во рола (темното ставете го врз светлото, за да биде од внатрешна страна, но може и обратно).

Ролатот исечете го на мали парчиња, а секое парче со помош на дланките обликувајте го во топче. на тој начин ќе добиете мраморна шара. Наредете ги топчињата во плех обложен со хартија и ставете да се печат во загреана рерна на 160 степени, 20 минути. / Сооlinarika.сom