Фотографија и рецепт на Снежана Годиниќ

Лутеницата од морков многу лесно и брзо се приготвува, а добивате фантастичен вкус. Во рецептот се користи конзерванс, а за сите што го одбегнуваат, мора да направат пастеризација во рерна.

Потребни состојки: 2 кг моркови, 300 мл масло, 2 главици лук, 1 китка лист од целер, 1 литка лист од магдонос, 500 г лути пиперчиња (јас ставив 350 г), 500 мл оцет, 1 до врв полна лажица шеќер, сол по вкус (ставив 3 полни супени лажици), ½ кесичка конзерванс (може и не мора, но доколку не се стави тогаш мора да се пастеризира) и 20 зрна црн пипер

Постапка: Морковите е потребно да бидат покрупни и приближно со иста дебелина. Измијте ги убаво под млаз ладна вода и исчистете ги.

Ставете вода да зоврие, па спуштете ги морковите малку да се подварат, 5 минути, па извадете ги со решеткава лажица и оставете ги да изладат. Потоа исечете ги на тркалца.

Пиперките исечкајте ги и запржете ги на малку масло (јас ги испеков на рингла, ги изладив, излупив и исечкав покрупно). Оставете да изладат па измешајте ги со морковите.

Целерот и магдоносот убаво измијте ги, исцедете ги, па исечкајте ги ситно. Лукот исчистете го и исечкајте го. Состојките додајте ги во мешавината од морков и пиперки, па промешајте.

Одозгора сипете шеќер, сол, оцет и конзерванс. Убаво промешајте, па садот покријте го и оставете го да преноќи. Следниот ден полнете ги теглите и затворајте ги добро.

Кој не става конзерванс, теглите треба да ги пастеризира во рерна 90 минути на 90 степени и тука да ги остави додека целосно да изладат. Оваа салата е одлична како прилог со печено месо или друго јадење.

Фотографија и рецепт на Снежана Годиниќ