Овие кроасани се толку многу вкусни, што ги правам најмалку трипати неделно. Рецептот го научив од баба ми која исто така, редовно ги подготвуваше. Особено за празниците нејзината трпеза беше многу богата, а овие кросани први ги изедувавме.

Кога бевме помлади, сè земавме здраво за готово и не сфаќавме колкав труд и време поминато во кујна бара една таква трпеза каква што приготвуваше баба ми. Денес ми е чест што го наследив тефтерот со рецепти на баба ми, а особено овој, за вкусните кроасани. Еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл млеко, 2 супени лажици шеќер (40 г), 1 кесичка сув квасец (7-10 г), 400 г брашно + за домесување, 1.5 мала лажичка сол (9 г), 25 г растопен путер, 140 г омекнат путер. За премачкување: 1 жолчка + 1 лажица млеко




ПОСТАПКА: Загрејте го млекото (250 мл) да биде млако, па истурете го во еден подлабок сад, додајте шеќер и квасец, па промешајте сето да се раствори. Потоа додајте го брашното, најдобро низ сито, просеано, за да нема грутчиња и поубаво да се измеси.




Потоа додајте ја солта и промешајте со лажица или кујнска шпатула. Кога ќе се впие течноста и ќе се формира компактна смеса, додајте 25 г растопен путер и уште малку продолжете го месењето со шпатулата, додека тестото почне да се одвојува од ѕидовите на садот.




Потоа истресете го на работна површина и убаво изработете го со раце. Месете го со долго развлекување пред себе, како да го кинете со влечење, зашто на тој начин побрзо се добива еластичност. На овој начин месете го 5 минути.

Ставете го во намастен сад, малку намастете го и тестото, покријте го со кеса или проѕирна фолија и оставете го да ферментира на топло место 1 час или додека да го удвои волуменот. Потоа истресете го врз намастена работна површина.




Нежно обликувајте го во векна за полесно да го поделите на десет еднакви делови. Од секое парче обликувајте топче. Покријте ги со кеса или проѕирна фолија и оставете ги 10 минути за да одмори тестото.

Потоа земете едно топче и ставете го врз намастена работна површина, малку сплескајте го со дланките, а потоа развлечете го со оклагија, која исто така малку сте ја намастиле. Кората треба да биде тенка 2-3 мм со големина на плитка чинија, со дијаметар 18 см.




Постапката повторете ја и со останатите топчиња. Тенките кори редете ги една врз друга во плитка чинија, а секоја премачкјате ја со една лажичка омекнат путер (преку целата површина, освен 1 см од краевите). Последната кора не ја премачкувајте (оставете ја само малку намастена за да не се суши).

Целиот куп покријте го со проѕирна фолија и оставете го во фрижидер 1 час. После оваа постапка путерот ќе се стегне и се соедини со тестото, а тоа ќе помине и низ период на „ладна ферментација“ што ќе му даде посебен вкус.




Купот кори положете го врз набрашнета работна површина, наросете го одозгора со малку брашно, па со рацете малку притиснате го одозгора од едната, а потоа и од другата страна за да се опушти. Потоа со оклагија полека развлечете го во една огромна кора со дебелина од 5 мм.

Исечете го на 12 триаголници, а секој триаголник малку засечете го во средина од пошироката страна. Малку разделете ги ове два засеци, па свиткајте го кроасанот (на овој начин се добива подолга кифла).

Вака наредените кроасани наредете ги во тенок плех обложен со хартија за печење. Покријте ги со кеса или проѕирна фолија и оставете ги да одморат за последната ферментација, 40 минути во топла просторија без провев.

За тоа време кроасаните ќе го удвојат волуменот. Изматете една жолчка со малку млеко, па премачкјате ги кроасаните со помош на силиконска, кујнска четка. Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, само 5 минути, а потоа намалете на 160 степени и печете ги уште 15 минути или додека убаво да заруменат. Деталите погледнете ги ОВДЕ.