Преубава комбинација од ореви, кекси и чоколадо. Токму овие состојки заедно го прават колачот неодолив. Бајадерата можете да ја приготвите во посна или мрсна верзија, во зависност од состојките кои ќе ги користите. Многу лесно и едноставно се приготвува, а еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл вода, 200 г мелени ореви, 300 г мелена плазма, 10 г ванилин шеќер (1 кесичка), 100-200 г шеќер или по ваш вкус, 125 г путер или маргарин за посната верзија, 100 г чоколадо. За глазура: 100 г чоколадо, 3 лажици масло




ПОСТАПКА: Во еден сад ставете вода, путер или маргарин, шеќер, ванилин шеќер. Ставете на оган, па на тивка температура растопете ги сите состојки со повремено мешање додека да се изедначи течноста.




Тргнете го тенџерето од оган, па додајте ги мелените ореви, а мелените кекси додавајте ги постепено додека мешате со лажицата. Добро измешајте ги сите состојки додека да добиете изедначена смеса.




Веднаш поделете ја смесата на два еднакви делови. Во едната половина додајте 100 г чоколадо претходно искршено на коцки и растопено во микробранова печка или на пареа. Промешајте додека да се изедначи.




Кафеавата смеса рамномерно распоредете ја во обложен калап со проѕирна фолија и димензии 25х17 см. Распоредете и израмнете. Може да користите и калап со слични димензии. Преку темната смеса распоредете ја светлата.




Добро притиснете и израмнете ја површината. На крај останува само да се приготви чоколадната глазура. искршете го чоколадото на коцки, додајте го маслото и растопете во микробранова печка или на пареа.




Прелијте ја глазурата и со нишање на калапот распоредете ја рамномерно преку целата површина. Почекајте чоколадото да се стегне и олади, па бајадерата ставете ја во фрижидер да отстои минимум два часа пред сечење.




Потоа со остар н ож или скалпел најпрво исцртајте ги парчињата на штанглите или коцките со големина по важа желба, па дури потоа сечете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.