Кочанска пита со спанаќ – мешаш сè, излеваш и печеш – прсти да излижеш!

Оваа пита е полн погодок и како предјадење и како главно јадење, а подеднакво е вкусна и ладна и топла. Ако го сакате спанаќот, прочитајте го рецептот и применете го во вашата кујна.

Потребни состојки:

Околу 700 г спанаќ или повеќе
250 г млад кромид (или обичен)
2-3 гранчиња нане
50 г путер
250 г фета сирење
3 јајца
4 лажици пченкарно брашно
3 лажици маслиново масло
3 лажици сончогледово масло
1 лажичка куркума
сол, црн пипер по вкус

Постапка:

Пригответе ги сите состојки. Спанаќот, кромидот и нането ситно исечкајте ги. Во мешавината од маслиново и сончогледово масло запржете го исечканиот спанаќ за да овене.

Потоа додадете го сечениот млад кромид и нането, па продолжете со динстање уште 10-15 минути. Пред крајот посолете и зачинете со црн пипер, додадете путер и промешајте.

Во подлабок сад ставете ги јајцата и фета сирењето и убаво промешајте ги. Потоа, во садот додадете го изладениот спанаќ со младото кромитче и повторно измешајте.

Потоа додадете го пченкарното брашно, промешајте и додадете лажичка куркума. Зачинете со црн пипер и по потреба додадете сол, па убаво на крај уште еднаш промешајте за да добиете изедначена, еднолична смеса.

Огноотпорниот сад намастете го (или тепсијата во која ќе печете), па излејте ја приготвената смеса и рамномерно распоредете ја.

Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени и печете околу 45 минути, а потоа после вадењето оставете малку да излади.

Исечете ја и послужете. Оваа излеана пита може да биде многу вкусно топло или ладно предјадење или да се послужи како прилог со некое печено месо.

Loading...