Брзо се приготвува, а уште побрзо се јаде. По вкусот потсетува на Рафаело топчињата.
Потребни состојки:
500 мл млеко
40 г кокос
60 г брашно (некои користат нишесте)
80 г шеќер или помалку*
1 ванилин шеќер
1 лажица путер
* по сугестија на читателка која го приготви рецептот, количината на шеќер треба да се преполови
За наросување:
Малку сечкани несолени фстаци или сечкани печени лешници и малку кокос
Постапка:
Во малку поголема шерпа ставете го ладното млеко, кокосот, шеќерот, ванилин шеќерот, и полека додавајте го брашното. Сето добро изматете го со жица.
Ставете на оган и така сето заедно оставете да зоврие постојано мешајќи. Кога ќе проврие додадете го путерот и мешајте додека да се растопи.
Тргнете од оган и наполнете 4 помали садови (од 150 мл).
Секој сад покријте го со проѕирна фолија и изладете неколку часови во фрижидер.
Одозгора наросете со ситно сечкани несолени фстаци, или печени лешници со малку кокос.